Мајка и нејзината малолетна ќерка вчера попладнето загинаа по пад од балкон во населбата Тафталиџе во Карпош. Трагедијата ја потресе јавноста. Случајот во полиција е пријавен како самоубиство, но, од МВР велат дека не можат делото да го квалификуваат како такво, сè додека не завршат увидот и другите постапки, коишто се преземаат во координација со надлежен обвинител.
Синоќа на социјалната мрежа Фејсбук се огласи братот на младата жена која со своето дете беше пронајдена мртва. Како што посочува Александар Стојаноски во објавата, државата и институциите денеска овозможиле да згаснат млади животи и ја повика јавноста да не шпекулира во врска со тоа што се случило.
„Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем … После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем!“ , стои во објавата на Стојановски на Фејсбук.
Телата на жртвите биле пронајдени кај станбен комплекс помеѓу улицата „Прашка“ и булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Тафталиџе, нешто по 14 часот.
Во отсуство на официјално соопштени повеќе детали, институциите засега настапуваат претпазливо, а јавноста очекува дополнителни информации по завршувањето на истрагата. Случајот повторно ја отвори чувствителната тема за семејните и личните трагедии што најчесто стануваат видливи дури кога веќе е предоцна.