Политичката партија Левица најостро ја осудува американско-ционистичката агресија врз Иран, вклучително убиството на дел од неговото воено-политичко раководство и масакрите врз цивилното население. Како што велат, ова подивено однесување на екстремно-десничарската администрација на Трамп во соработка со геноцидниот касап Нетанјаху претставува флагрантен државен тероризам, газење на меѓународниот поредок, и акт на воена агресија чија цел е дестабилизација на суверена држава и воспоставување на империјална доминација на Блискиот исток.
-Таквите злосторства против човештвото не можат да поминат неказнети и се директно спротивни на меѓународното право и повелбата на Обединетите нации.
Апелираме до МНР и министерот Тимчо Муцунски наместо слепа поддршка за оваа дивјачка агресија, да испратат јасна осуда против оваа бесмислена воена агресија со потсетување дека и македонскиот народ во својата историја бил жртва на империјалистичката чизма, порачуваат од Левица и нагласуваат дека Република Македонија мора да се позиционира на страната на мирот, суверенитетот и анти-империјалистичката борба, а не да молчи пред злосторствата на суперсилите.
-Левица останува непоколеблива во својата борба против сите форми на империјалистичка агресија и ќе продолжи да се залага за ослободување на народите ширум светот, стои во партиската реакција.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски пред три дена оствари телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Државата Израел, Гидеон Саʼар. Во разговорот била реафирмирана, како што велат од МНР, поддршката од Македонија за координираните напори на Соединетите Американски Држави и на Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност, се вели во соопштението.
Во моментов повеќе од 400 граѓани побарале информации во врска со можноста за евакуација, додека околу 30 од нив изразиле подготвеност да ја напуштат земјата во првата можна прилика.
МНР и дипломатско конзуларните претставништва се во постојана комуникација со нашинците од кризните подрачја. Почнати се активности за нивно враќање во Македонија. Но, во моментов не постојат безбедни услови за напуштање на Емиратите и Катар.