„Достоинствено“ пресметување на сиромаштијата – вака екс-вицепремиерот за економски прашања и актуелен пратеник, Фатмир Битиќи го коментира најавеното законско усогласување на минималната плата. Според Битиќи, Владата се обиде една законска обврска да ја продаде како достоинствена политика: минималната плата ќе се зголеми за 1.667 денари и истата ќе изнесува 26.046 денари нето – што е зголемување од околу 6,8%.
-Но, ова е наследен механизам на системот, минимум што се случува затоа што мора. Достоинствена плата може да се добие само со достоинствена Влада. Тоа е Влада што има политичка волја да седне на маса со работниците, да слушне, да преговара и да донесе одлука што го признава трудот како вредност, а не како трошок што се „усогласува“ еднаш годишно, објави пратеникот.
За Битиќи, уште посимптоматично е што, паралелно со ова „усогласување“, Владата промовира и своја потрошувачка кошница која е околу 13% пониска од синдикалната.
-Ако синдикалната кошница за февруари е 67.382 денари, тогаш 13% пониска значи приближно 58.622 денари, односно „намалување“ од 8.760 денари на хартија.
И еве ја суровата пресметка што ја избегнува Владата: и со оваа пониска, владина кошница, на едно семејство му требаат околу 2,25 минимални плати. Со синдикалната, околу 2,59 минимални плати. Ова е обид сиромаштијата да се пресмета поевтино, бројката се намалува, а маката останува. Достоинствена Влада не се препознава по тоа што ќе каже „не носиме одлуки под притисок“, туку по тоа што не се плаши од социјалниот дијалог и која протестот на работниците го доживува како демократски коректив, стои во пораката на Битиќи.
Минималната плата законски се усогласува за 1.667 денари и ќе изнесува нешто над 26.000 денари. Работниците повисоките мартовски примања ќе ги добијат во април.
ССМ остана на ставот за минималец од 600 евра, незадоволни од тоа што предлогот не помина, синдикалците ја напуштија седницата на ЕЕС и најавија нови протести.
Работодавачите останаа на нивните позиции.