ОЈО: Едно лице задржано во станица по трагедијата во Тафталиџе, мајката и девојчето биле сами во станот

Во текот на денот ќе се врши детален претрес на станот кој веднаш по увидот е запечатен и обезбеден

од Nikola Popovski
22 прегледи Основно Јавно Обвинителство/Фото: Принтскрин/Јутјуб/Канал 5 ТВ

Основното јавно обвинителство Скопје ги издава сите потребни наредби и насоки за целосно расчистување на вчерашниот случај во Карпош, кога при пад од висококатница починаа мајка и дете. Се наведува дека едно лице е задржано во полициска станица и по наредба на јавниот обвинител се преземаат дејствија за испитување на евентуална кривична одговорност.

-Обезбедена е наредба од судија на претходна постапка и во текот на денот ќе се врши детален претрес на станот, кој веднаш по увидот е запечатен и обезбеден. Според првичните сознанија, во моментот на настанот, починатата и малолетното девојче биле сами во станот, заклучени од внатрешната страна.

Денеска по наредба на јавниот обвинител се вршат распити на повеќе лица кои имаат определени сознанија, се врши екстракција на податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видео надзор и други снимки од неколку локации.

Во текот на вчерашниот ден беше наредена и обдукција на починатите.

Во однос на претходното постапување, јавниот обвинител побара детално известување од МВР и од Центарот за социјални работи со сите евентуални претходни пријави и поплаки од оштетената, а ќе нареди и внатрешната контрола на МВР да го испита постапувањето по тие пријави, соопштија од Обвинителството.

Мајка и нејзината малолетна ќерка вчера загинаа по пад од балкон во населбата Тафталиџе во Карпош. Трагедијата ја потресе јавноста. Случајот во полиција е пријавен како самоубиство, но, од МВР велат дека не можат делото да го квалификуваат како такво, сè додека не завршат увидот и другите постапки, коишто се преземаат во координација со надлежен обвинител.