Во текот на вчерашниот ден Македонија повторно доживеа голема трагедија, овојпат во населбата Тафталиџе во која жена, жртва на семејно насилство, и нејзиното дете го загубија животот по пад од балкон. Ова е последниот во долгата низа трагични настани во Македонија коишто доаѓаат како последица на родово базирано семејно насилство и повторно отвори голем број на прашања во однос на тоа каде се наоѓа одговорноста за овој случај, за работата на МВР и за нивото на социјална заштита на жртвите од семејно насилство во државата како и колку е таа достапна нив.
„Локално“ на оваа тема разговараше со поранешната Министерка за труд и социјална политика и актуелна пратеничка од редовите на СДСМ, Јованка Тренчевска која изјави дека „очигледно е дека системот затаил“.
„Тоа што излегува во медиумите од страна на блиски од семејството, братот дека неколку години барала помош, а не ја добила, очигледно системот затаил, тука е пред се МВР и ЦЗР. Проценките коишто ги прават кога излегуваат на терен, тоа е многу јасно кажано во Законот за спречување на насилство врз жените и семејното насилство дека кога се работи за жена и дете центарот заедно со МВР треба да ги прават проценките за ризик. Очигледно тука е големата грешка направена за да не се заштити и жената и детето….“, порача таа.
Според Тренчевска, ова претставува класичен случај на родово базирано насилство, кое доаѓа како резултат на повеќегодишната негативна кампања и недоразбирање околу поимите род и родова еднаквост, неажурноста и недоволната реакција од страна на институциите – особено центрите за социјална работа и полицијата кои треба први да интервенираат во вакви случаи како и неказнивоста спрема насилството сега почнуваат да ги покажуваат своите последици и придонесуваат ваквите ситуации да се повторуваат.
„Дефинитивно сето тоа (општествената стигма) произлегува токму од поимувањето на родовата еднаквост и родовите улоги во општеството. Стигмата, стравот заради нефункционалноста на инстуциите, нефункционалноста на институциите повторно ќе кажам, некој којшто пријавувал со години да не биде заштитен а тој што е пријавуван да биде на слобода“, изјавува Тренчевска, додавајќи дека Кривичниот Законик во Македонија е усогласен со одредбите од Инстамбулската конвенција и дека постојат во Македонија легислативи за спречување на насилство врз жените и семејно насилство каде што се наведени обврските на надлежните институции, што претставува цел синџир и очигледно нефункционалноста на системот го поттикнува насилството.
„Мора да има одговорност и кај вработените меѓутоа и кај тој што е некаде на врвот“, вели Тренчевска.
Министерство за социјална политика, демографија и млади денеска соопшти дека по вчерашниот трагичен случај, се врши вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјална работа Скопје, додека од ОЈО известуваат дека едно лице е задржано во полициска станица и по наредба на јавниот обвинител се преземаат дејствија за испитување на евентуална кривична одговорност.
К.Д.