Македонски државјани евакуирани од Израел со авион на „Ер Србија“

Покрај државјани на Србија, во авионот имало и граѓани на Црна Гора, Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија, кои биле евакуирани од Израел

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: Facebook/Air Serbia

Авион за евакуација на „Ер Србија“ со 67 патници синоќа слетал во Белград од Шарм ел Шеик, соопшти Министерството за надворешни работи на Србија.

Покрај државјани на Србија, во авионот имало и граѓани на Црна Гора, Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија, кои биле евакуирани од Израел, пренесуваат српските медиуми. Летот бил организиран од страна на српската Влада.

Државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Србија, Дамјан Јовиќ истакнал дека обврска на државата е да се грижи за своите граѓани во сите околности, и во добро и во лошо, и дека токму тоа е причината за организирање лет за евакуација на граѓаните кои се нашле во воено зафатените подрачја, се наведува во соопштението на министерството.

Според него, иако станува збор за хуманитарно прашање, со овој гест Србија испраќа порака дека се стреми кон најдобри и најблиски односи исполнети со солидарност со соседните земји.

Во меѓувреме, со користење на комерцијални летови, а по потреба и владиниот авион, МНР планира да ги враќа македонските државјани од Израел преку Египет. За Емиратите и Катар се разгледува можноста за ангажирање комерцијален или чартер-лет, во зависност од безбедносните и логистичките услови-соопштуваат од Министерството за надворешни, потенцирајќи дека остануваат во контакт со пријателските земји и партнерите, како и преку дипломатските претставништва за безбедно и навремено враќање на нашинците во Македонија.

„Во изминатиот период, преку дипломатско-конзуларните претставништва беше асистирано при безбедното извлекување на едно лице од Иран – фудбалер, кој преку Турција се врати во Република Северна Македонија. Дополнително, шест македонски државјани од Израел веќе имаат обезбедено авионски билети од Египет кон Скопје, при што Министерството активно асистираше во нивната координација и заминување. Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет, соопштија од МНР.

Во меѓувреме расте бројот на граѓани кои бараат помош за напуштање на ризичните подрачја. Вкупно 473 македонски државјани од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток контактирале со претставништвата во Тел Авив, Доха и Абу Даби. Од нив 19 се пријавени од Израел, 106 од Катар, 348 се обратиле до ДКП-то во Абу Даби, од нив 18 лица од Кувајт и 12 од Бахреин.