СДСМ преку соопштение порача дека трагедијата во скопската населба Тафталиџе, каде трагично згаснаа два животи на мајка и дете, покажа сериози пропусти на институциите за заштита од семејно насилство. Потсетуваат дека две години било пријавувано семејно, физичко и психичко насилство. Дури 12 пријави имало за сопругот, кој имал и други обвиненија а последниот случај му била најдена и дрога.
-Институциите биле алармирани, било пријавувано, имале сознанија, имало индиции за ризик и со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите. Потфрли Панче Тошковски, потфрли МВР, потфрлија Центрите за социјална работа, целиот институционален, државен систем. Формалното постапување, не почитувањето на законските одредби за гонење на семејно насилство по службена должност, недостатокот на навремена реакција доведоа до трагична смрт на мајка и дете. Само пред неколку месеци, во Велес, млада жена не беше заштитена, иако пријавувала малтретирање институциите не реагирале соодветно и беше убиена заедно со нејзиниот татко. Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство, велат од СДСМ и бараат оставка од министерот за внатрешни работи, како и соодветна истрага која со име и презиме ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и кај сите останати институции.
-Проблемот почнува од врвот! Сега Тошковски се сети да праќа телеграми, кога на некој му стигнуваат телеграми со сочувство? Требаше досега нешто да преземе. Одговорноста е кај оној што го води системот и не може да биде префлрена на некој друг. Единствена телеграма сега што треба да ја прати е неговата оставка, стои во партиската реакција.
Според првичните информации на Обвинителството, на трагичниот ден Ивана и нејзината ќерка биле сами во станот, заклучени од внатрешната страна. Во тек се распити. Се анализираат мобилните телефони и се обезбедуваат видеоснимки за да се утврдат сите околности. Извршена е обдукција на починатите.
Ден по трагедијата во Тафталиџе, кога при пад од висококатница загинаа Ивана и нејзината малолетната ќерка Катја, сопругот и татко е уапсен и кривично ќе одговара. Од МВР соопштија дека веќе бил евидентиран во полициските билтени. Имал 10 кривични пријави за насилен криминал, имотни деликти и за недозволена трговија со дрога. Изминатите две години, бил пријавуван и за семејно насилство, но во сите случаи неговата сопруга Ивана се повлекувала од натамошна постапка.
-Во декември 2025 година по лишување од слобода за кривично дело по член 215 од КЗ за трговија со дрога, бидејќи кај истиот биле пронајдени 20 опаковки со дрога, истиот бил лишен од слобода, изјави вчера Тошковски.