ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Филипче и Заев имаат врски со руската политика на Путин

„Заев и Филипче се поврзани и со Борче Марковски, кој е под истрага за сомнителни тендери во РЕК Битола“, соопшти пратеникот Лефков

од Nikola Popovski
10 прегледи Фото: ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека врските на екс-премиерот Зоран Заев и лидерот на СДСМ, Венко Филипче со руската политика на Владимир Путин, се потврдуваат и со нивната блискост со почесниот конзул на Белорусија и близок соработник на Лукашенко, Борче Марковски.

-Покрај доделувањето на државјанството на рускиот олигарх и осуден криминалец, Онишченко, СДС, Заев и Филипче се поврзани и со Борче Марковски, кој е под истрага за сомнителни тендери во РЕК Битола, изјави на денешната прес-конференција Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.

Според Лефков, фирмата на Борче Марковски, „Марковски компани’’ е фирма која во периодот од 2019 година па се до 2023 година има добиено најмногу државни тендери, односно вкупно 77 јавни набавки.

-Од овие 77, 66 биле со државното претпријатие ЕСМ во вредност од 141 милион евра или 93% од вкупната вредност на сите тендери. Не само што добивал Марковски тендери од ЕСМ, во времето на Заев и Филипче, туку и фирмите подизведувачи кои соработувале со него, биле на кланот Заеви или пак на лица кои важат за блиски до нив.

Очигледно е дека СДС, Заев и Филипче имале добри контакти за соработка со лица блиски до Путин и Лукашенко, како што се Марковски и Онишченко.

Сличноста на сите овие лица е тоа што за сите има основани сомненија дека се дел од различни коруптивни шеми.

ВМРО-ДПМНЕ е заштитник на националните и стратешките интереси, и жестоко се спротивставува на руската политика промовирана од СДС на Заев и Филипче, изјави Лефков.