Бугарскиот државјанин и претседател на фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов вчера беше посочен како лицето опфатено со кривична пријава за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, откако, според обвинителските наводи, преку посебно креирана фејсбук-страница објавувал содржини што поттикнувале национална и етничка омраза и дискриминација.
Од Агенција за национална безбедност соопштија дека пријавата следува по претходно обезбедени информации за субверзивно-пропагандни активности насочени кон поттикнување етничка и национална омраза. Акцијата била спроведена во координација со Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија и Основно јавно обвинителство Скопје.
„Осомничениот, преку посебно креирана страница на социјалната мрежа Фејсбук, споделувал содржини кои предизвикуваат национална и етничка дискриминација со што поттикнувал омраза кон македонската држава и идентитет. По претходни сознанија на Агенцијата за национална безбедност, полициски службеници извршија претрес и одзедоа пропаганден материјал што 30-годишниот скопјанец го отпечатил со намера да го дистрибуира во земјава.
На ваквите активности осомничениот бил поттикнат од бугарски државјанин кој подолг период на социјалните мрежи и на други портали објавува содржини чија цел е поттикнување омраза, нетрпеливост и насилство“, стоеше во објаснувањето на Обвинителството.
Во меѓувреме, со реакција се јавија и од фондацијата „Македонија“. Оттаму велат дека АНБ, Обвинителството и МВР во Македонија излегле со лажни и клеветнички информации против Стојанов.
„Целта на оваа кампања е да се заплашат Бугарите во Северна Македонија и стотиците волонтери на фондацијата „Македонија“ кои се граѓани на Северна Македонија и живеат во земјата. Сакаме да кажеме дека Македонија нема да ја постигне оваа цел и дека Бугарите во Република Северна Македонија нема да бидат исплашени, а напорите за остварување на правата на Бугарите во земјата и зачувувањето на нашето културно наследство ќе продолжат со двоен напор! Ќе спречиме Скопје да сака да создава омраза меѓу народите, како и да ги апси и прогонува Бугарите кои се граѓани на Република Северна Македонија“, стои во ставот на Фондацијата.
Стојанов ѝ е добро познат на македонската јавност по низа антимакедонски објави и провокации со кои го негира постоењето на македонската нација. Во јавноста беше споменуван и по кампањите за нудење 300 евра за промена на презимиња во „ов/ев“, донирање бугарски знамиња, обезбедување сателитска телевизија со бугарски канали, како и ширење пропаганда и поттикнување тензии преку мрежа на портали и поткасти.