Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски го осуди лансирањето ирански ракети кон Турција. Тој го оцени чинот како неприфатлив и дестабилизирачки за целиот регион. Муцунски истакна дека ваквите акции директно го нарушуваат меѓународниот воздушен простор, ги ескалираат тензиите и ја поткопуваат регионалната стабилност.
„Ваквите акции директно го нарушуваат меѓународниот воздушен простор, ги ескалираат тензиите и ја поткопуваат регионалната стабилност. Стоиме во целосна солидарност со Турција како наш НАТО сојузник. Повикуваме на итна деескалација и целосно почитување на меѓународното право“, напиша шефот на македонската дипломатија на социјалната мрежа „Х“.
Iran’s missile launch toward Türkiye – a NATO Ally – is unacceptable and destabilizing. Such actions violate international airspace, escalate tensions, and undermine regional stability. We stand in full solidarity with 🇹🇷 and call for immediate de-escalation and full respect for…
— Timco Mucunski (@TimcoMucunski) March 4, 2026
Турција испрати предупредување до Техеран за да спречи ракетни закани откако беше пресретната иранска балистичка ракета, чија можна цел била Кипар.
„Во тесни консултации сме со нашите сојузници од НАТО, преземаме секакви мерки на претпазливост и спроведуваме потребни интервенции. Ги издаваме нашите предупредувања на најјасен начин за да спречиме слични инциденти да се повторат“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Иран негираше дека лансирал ракета кон Турција, откако турските власти вчера објавија дека воздушната одбрана на НАТО соборила ракета од иранско потекло. Генералштабот на иранските вооружени сили, преку соопштение, ги отфрли тврдењата за лансирање ракета.
„Иранските вооружени сили го почитуваат суверенитетот на Турција и негираат дека испалиле каква било ракета кон нејзина територија“, објави „Гардијан“, повикувајќи се на соопштение објавено од државните ирански медиуми.
Според турското Министерство за одбрана, ракетата се приближила до турскиот воздушен простор откако прелетала над Ирак и Сирија. Немало жртви во пресретнувањето на ракетата. Не беше откриено каде точно била насочена ракетата, но портпаролот на НАТО рече дека Алијансата го осудува иранското насочување кон Турција и цврсто стои зад сите сојузници.