Општина Струга информира дека на 16 овој месец ќе се одржи аукција за продажба на автомобилот Ауди А6 со почетна цена од 1.344.636 денари или околу 21.800 евра.
„Конечно, многу коментираниот автомобил на поранешниот градоначалник на Општина Струга ќе им се врати на граѓаните на Струга. Преку продажбата на ова возило, кое стана вирално во медиумите во земјата и пошироко како автомобилот „со волан од змиска кожа“ или како „убавата кола“, овој подвижен имот ќе се претвори во финансиска ликвидност во буџетот на Општина Струга. Со средствата од продажбата на автомобилот ќе се набави комбе кое ќе служи за потребите на општинската администрација и спортските клубови во градот“, велат од Општината.
Почетната вредност за наддавање на аукцијата за ова возило, според проценката на овластен експерт, изнесува 1.344.636,00 денари, односно околу 21.800 евра.
„Градоначалникот на Општина Струга, г. Менди Ќура, од првиот ден од преземањето на функцијата, ниту еднаш не ги користел автомобилите од возниот парк на Општина Струга, со цел максимална рационализација на високите трошоци создадени низ годините. Воедно, ја користиме оваа прилика уште еднаш да ги демантираме невистинитите информации објавени претходно во јавноста, кои тврдеа дека почетната проценка на возилото е под пазарната цена“, соопштија од локалната власт.
Авомобилот кој Општина Струга го купи 67.000 евра, во времето кога градоначалник беше Рамиз Мерко крена дебата во јавноста дека е набавен во време кога општината била со блокирана сметка. Против Мерко се водеше судски спор, на кој судот во Струга одлучи дека нема вина за набавката на луксузното возило.