ВМРО-ДПМНЕ: Ако Глигоров одбил 100 милиони, колку земале Заев и Филипче за промена на името?

„Ако земале пари, тоа се нелегални активности“, порачуваат од „Белата палата“

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Фејсбук

„Ако Kиро Глигоров одбил 100 милиони долари за промена на името на државата како што стои во документите на ЦИА, тогаш се поставува прашањето колку пари земале Зоран Заев и неговиот ученик и другар Венко Филипче за промената на името, поточно за завршување на таа работа“, прашаа утрово од ВМРО-ДПМНЕ.

Според најголемата владејачка партија, прашањето следи логично по последните објави на документи на ЦИА за екс-шефот на државата.

„Дополнително, има ситуација кога говори дека Зоран Заев и Венко Филипче по седумте години власт енормно и необјасниво многу се збогатиле. Тоа се гледа од тоа што првиот купува удели во авио компании, а вториот има златна виза во Дубаи.

Ова логично прашање заслужува одговор од неколку аспекти. Прво, станува збор за прашање од важност за државата и граѓаните, второ, ако земале пари тоа се нелегални активности.

Граѓаните заслужуваат одговор на ова логично прашање кое се отвори по објава на документи на ЦИА во кои се вели дека Глигоров одбил понуда да земе пари. Значи ако Глигоров одбил, а истото прашање го затворија Заев и Филипче, тие треба да одговорат за колку пари сториле предавство“, стои во политичкото соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Грција во 1992 година му нудела на тогашниот македонски претседател финансиска помош од 100 милиони долари за земјата во замена за промена на името на државата, но тој го одбил предлогот, се наведува во неодамна декласификуван документ на американската тајна служба ЦИА. Во своите мемоари „Македонија е се што имаме“, Глигоров не го споменува овој податок, но споделува друг, имено, дека нему лично му било нудено мито од еден милион долари од грчки посредници за да се согласи на промена на името, но тој тоа го одбил.