Грција: Лекари кои работат на мали острови со помалку од 4.000 жители ќе добијат дополнителни 1.500 евра

Дополнителен надомест од 1.500 евра месечно ќе добиваат грчките лекари кои ќе се согласат да работат на 47 мали острови со помалку од 4.000 жители, објави на својот Фејсбук профил премиерот на земјата Киријакос Мицотакис, цитиран од локалните медиуми

од Vladimir Zorba
13 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/Официјален профил на Киријакос Мицотакис

Дополнителен надомест од 1.500 евра месечно ќе добиваат грчките лекари кои ќе се согласат да работат на 47 мали острови со помалку од 4.000 жители, објави на својот Фејсбук профил премиерот на земјата Киријакос Мицотакис, цитиран од локалните медиуми.

Во објавата, Мицотакис прецизира дека дополнителните средства ќе бидат во нето износ и ослободени од данок. „Во пракса, ова речиси ја дуплира нивната плата“, истакна тој.

„Многу лекари се двоумат да одат на работа на мали острови, особено во зима, и јас го разбирам тоа. Условите се тешки, а потребите се големи. Затоа даваме уште еден навистина силен поттик за да им служиме на најмалите острови на нашата земја“, додаде Мицотакис.

Онлајн изданието на весникот „Катимерини“ објави дека премиерот Мицотакис ја споменал иницијативата и за време на неговиот вчерашен говор во владината резиденција „Максиму“, каде што бил домаќин на настан посветен на донацијата на добротворната фондација „Стелиос Хаџиуану“ на Националниот здравствен систем со цел финансиска поддршка на лекарите што работат на малите острови.

Програмата е вредна околу 10 милиони евра. Ќе трае седум години и предвидува околу 80 лекари на 47 мали острови да добијат дополнителен надомест на нивните плати.

Грчките медиуми потсетуваат дека недостигот на лекари на малите острови е долгогодишен проблем поради изолацијата, тешките услови за работа и повисоките трошоци за живот, особено во зима. Со текот на годините, државата вовела разни стимулации, но многу позиции остануваат празни, а понекогаш лекарите мора привремено да бидат упатени од други региони.

Новата иницијатива е различна бидејќи за прв пат приватна фондација директно финансира дополнителен надомест за лекарите.