Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски истакна дека заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, ги пуштил во употреба обновените спортски терени на кејот на Вардар, простор кој повторно станува место за живот, рекреација и спорт.
„Реконструирани се спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема, а се создаваат и современи фитнес-зони на отворено кои ќе бидат место за рекреација и здрав живот.
Во рамките на проектот опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и повторно ќе бидат ставени во служба на заедницата.
На овој потег ќе се уреди и современа градска плажа кое ќе биде безбедно, чисто и достапно катче за одмор, спорт и дружење, кое ќе внесе нова енергија покрај реката и ќе го доближи Скопје до современите европски урбани стандарди“, порача градоначалникот, додавајќи дека инвестирањето во спортот значи инвестирање во здрави навики, во здрави млади генерации и во силно општество.
„Искрена благодарност до министерот Борко Ристовски за поддршката и партнерскиот пристап. Токму преку ваква соработка се реализираат проекти кои носат вистинска вредност за граѓаните“, стои во објавата на Ѓорѓиевски.