Премиерот Христијан Мицкоски, на новинарско прашање за десетгодиншната забрана за влез на адвокатот Тони Менкиноски, близок до неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, вели дека „би се чувствувал засрамено да бев човек кој седи на иста маса и треба да споделува исти вредности со политичарите на нашиот источен сосед“.
-Немам информација дали тоа е точно и кои се причините ако е тоа точно. Но доколку е точно тоа е уште еден срам за демократијата кај нашиот источен сосед. Но, тоа е поголем срам за сите оние кои не веруваат во вистинските намери на политичарите од нашиот источен сосед. Јас навистина би се чувствувал засрамено да бев човек кој седи на иста маса и треба да споделува исти вредности со политичарите на нашиот источен сосед. Тука, пред се мислам на земјите-членки на Европската Унија, кои мислам дека треба да реагираат, доколку се потврди дека ова е точно, рече Мицкоски во одговор на новинарски прашања по поставувањето камен темелник на универзитетски кампус Мајка Тереза.
Менкиноски на денешната прес-конференција изрази сомневање дека ваквата мерка е директно поврзана со неговата работа како адвокат кој ги застапува Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур и истакна оти обвинението е сериозно, но е донесено без конкретно образложение и без претходна правна постапка. Забраната му била врачена на 6 март на влез во Бугарија.
– При преминување на границата луѓето кои работеа таму не можеа никако да го поминат мојот пасош. Ме замолија да ја тргнам мојата кола на страна и притоа ми кажаа дека од Софија добиле известување со кое мора да ме задржат бидејќи треба да добијат некои документи. После половина час чекање на граница ми ги доставија овие документи, ми удрија црн печат на пасошот, вели адвокатот Менкиноски.