„Анима Мунди“: Скопската зоолошка и Државното правобранителство молчат за закланите коњи

-Станува збор за организирано колење на животни во државна институција -пред сведоци. Полиција упаднала додека траел самиот чин и извела приведување. Ако ваков очигледен случај, црно на бело и документиран, помине без вистинска одговорност, тоа ќе испрати опасна порака дека системот може да ги направи животните ничии, велат од здружението за заштита на животните

од Nikola Popovski
10 прегледи Фото: Фејсбук профил на Зоолошка градина Скопје

Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ обвинува дека институциите молчат за закланите коњи во скопската Зоолошка градина. Во пресрет на новото судско рочиште за случајот со закланите коњи во Зоолошката градина Скопје од јули 2022 година, здружението испратило барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до ЗОО Скопје и до Државното правобранителство.

-Со барањата побаравме одговор , меѓу другото, на едно суштинско прашање: ЧИИ СЕ КОЊИТЕ кои биле одземени од сторители на кривични дела, ставени под институционална грижа и потоа заклани? Покрај конкретните прашања поврзани со самиот случај, испративме и генерички, системски прашања за правниот статус на одземените животни -кој е нивниот сопственик, кој е одговорен за нивната благосостојба и кој се смета за оштетена страна кога такви животни се убиваат. НИТУ ЕДНО ПРАШАЊЕ ОД ОВИЕ БАРАЊА НЕ Е ОДГОВОРЕНО, наведуваат од здружението.

Според нив, ова молчење е особено загрижувачко затоа што не се бараат информации што би ја попречиле судската постапка. Напротив, додаваат, станува збор за основни прашања од јавен интерес за функционирањето на системот.

-Ако институциите не можат или не сакаат да одговорат чија сопственост се животните што државата ги одзема, тогаш се отвора опасна правна празнина: дали е можно живи суштества да бидат одземени од криминал, ставени под институционална грижа, а потоа да се третираат како ничии , да си ги примопредаваат како ќе им текне и за која и да е намена-невидливи и без правна заштита? Ако нема сопственик, тогаш „нема оштетена страна”. А ако нема оштетена страна, тогаш малтене нема ни штета. Со други зборови, животните стануваат правно безвредни, посочуваат од „Анима мунди“.

За нас, додаваат оттаму, е особено скандалозно што во овој случај, масакр врз животни затекнат од полиција, наместо да се третира како „мачење и малтретирање на животни”, се сведува на обвинение за „несовесно работење во службата”.

-Станува збор за организирано колење на животни во државна институција -пред сведоци и пред очите на јавноста. Полиција упаднала додека траел самиот чин и извела приведување. Ако ваков очигледен случај, црно на бело и документиран, помине без вистинска одговорност, тоа ќе испрати опасна порака дека системот може да ги направи животните ничии, а со тоа и нивното страдање правно неважно. Одговорите на нашите барањата за информации од јавен карактер се обзжалени а од институциите очекуваме одговори. Јавноста има право да знае се, а ние ќе инсистираме на целоска одговорност за ладнокрвните убиства на овие несреќни животни, порачуваат од здружението за заштита на животни.