ДНК претходно имале инцидент со пожар во Гевгелија, изјави сведок на денешното рочиште

Прскалките од кои настанал пожарот во „Пулс“ биле купени на Бит-пазар?

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/МИА

Пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани не бил првиот инцидент поврзан со употреба на пиротехника на настапите на музичката група ДНК. Ова на денешното рочиште пред судот го открил Горан Игновски, сопственик на продавница за пиротехника, кој сведочел за техничките аспекти на средствата користени во кобната ноќ. Претходно токму од Игновски, групата ДНК набавувала прскалки. Тој информира дека последниот контакт со член на групата го имал година и пол пред трагичниот пожар.

Според неговото сведочење, пред кочанската трагедија, на настап на ДНК во ресторан во Гевгелија се запалиле платно и звучници.

„За овој инцидент ми раскажа колегата од Гевгелија, Јани Мурџиев, кој работи со озвучување. Не знам точно кога се случило тоа“, изјавил Игновски пред судијата.

Во своето сведочење тој зборувал и за пиротехниката што се користела на настапите. Откако ги видел видеата од пожарот во Кочани, посочил дека прскалките кои биле употребени имале домет поголем од три метри.

„Да користеа со домет од метар или два, немаше да настане пожар. Такви со домет од три метри се продаваат на Бит-пазар и се за надворешна употреба“, рекол сведокот. Тој додал дека по пожарот во Кочани имал две кутии со вакви прскалки – едната ја предал во полиција, а другата, како што рече, најверојатно сè уште ја има. Според неговите зборови, вкупно продал најмногу 15 вакви кутии.

На претходното рочиште, беше донесена одлука да нема спојување на тековната и на постапката за 13 полициски службеници. Ваква одлука донесе Судскиот совет со образложение дека процесот е во доказна постапка, а спојувањето на двата предмета во еден ќе резултира со одолговлекување и неекономичност на процесот.