Европската Унија мора да биде подготвена порешително да ја проектира својата моќ бидејќи повеќе не може да се потпира само на систем базиран на правила за справување со заканите. Исто така, мора да испита дали нејзините институции и системи ѝ помагаат или ѝ попречуваат во постигнувањето кредибилитет на светската сцена, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Секогаш ќе го браниме и поддржуваме системот базиран на правила што помогнавме да се изгради со нашите сојузници, но повеќе не можеме да се потпираме на него како единствен начин да ги браниме нашите интереси. Не можеме ни да претпоставиме дека неговите правила ќе нè заштитат од сложените закани со кои се соочуваме“, изјави фон дер Лајен на конференцијата на амбасадорите на ЕУ.
„Итно треба да размислиме дали нашата доктрина, нашите институции и нашето донесување одлуки – сите дизајнирани во повоениот свет на стабилност и мултилатерализам – беа во можност да го следат темпото на промените околу нас“, продолжи таа.
„Прашањето е дали системот што го изградивме, со сите негови добронамерни обиди за постигнување консензус и компромис, е повеќе помош или пречка за нашиот кредибилитет како геополитички актер“, заклучи таа.