ЈСП: Нема потврдени случаи дека автобуси оставаат патници поради недостиг на гориво

ЈСП – Скопје има активен тендер за набавка на гориво и во моментов немаме најава од добавувачот за евентуален недостиг на деривати, реагираат од Јавното сообраќајно претпријатие на информациите на „Локално“.

од Vladimir Zorba
20 прегледи Фото: Фејсбук/ЈСП Скопје

Во моментов нема потврдени случаи на автобуси на ЈСП да оставаат патници поради недостиг на гориво, ниту пак претпријатието се соочува со проблем од ваков вид. ЈСП – Скопје има активен тендер за набавка на гориво и во моментов немаме најава од добавувачот за евентуален недостиг на деривати, реагираат од Јавното сообраќајно претпријатие на информациите на „Локално“.

„Дополнително, се водиме согласно информациите кои на дневно ниво ги добиваме од надлежните институции дека во државата има доволно резерви на сите видови гориво“, стои во демантот на ЈСП, додавајќи дека „нема потреба од создавање паника кај граѓаните на Град Скопје дека јавниот транспорт се соочува со ваков проблем“.

„Доколку глобалните состојби на пазарот на енергенси евентуално се одразат и во нашата држава“, велат дополнително во својот демант од ЈСП-Скопје, „секако дека тоа би можело да има последици и врз нашата основна дејност – обезбедување јавен превоз, за што јавноста навремено ќе биде информирана“.

Фото: Принтскрин/Фејсбук

Како што објави „Локално“, според сведочење на граѓанка, утрово автобусот со бр.21 прво доцнел многу, а потоа ги оставил патниците во Влае со образложение дека нема гориво. Дестинацијата на овој автобус е Бардовци – Транспортен центар.

Извори од Јавното сообраќајно претпријатие, како што напишавме и претходно, за „Локално“ изјавија дека не се запознаени со случаи каде нивни автобуси оставаат граѓани „среде улица“ поради недостиг на нафта.

– Автобусите се „покриени“ со нафта за денешниот ден, но каква ќе биде ситуацијата утре, којзнае, кажаа оттаму.