Четиринаесет пријавени побарале евакуција, па не се појавиле на аеродромот во Дубаи

-Среќа имавме план за таква ситуација и имавме т.н. „листа на чекање“. Тоа е неодговорен пристап пред се, бидејќи се работи за безбедност на граѓани и други кои што чекаат, кажа шефот на македонската дипломатија

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Фејсбук

По успешната евакуација на 151 нашинец од Дубаи, неделава се очекува извлекување и на преостанатите кои побараа помош да го напуштат Блискиот Исток. Утре се очекува во Македонија да пристигне уште еден авион од ОАЕ, а се работи и на враќање на македонските граѓани кои се наоѓаат во Бахреин, Катар и во Кувајт.

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски напомена дека во текот на вчерашниот ден 14 пријавени лица не се појавиле на аеродромот во Дубаи, по што амбасадата за многу краток рок контактирала со други граѓани со цел целосно искористување на капацитетот на авионот.

-Наша цел е сите авиони да бидат исполнети. Вчера на аеродромот во Дубаи кои што барале евакуација, одлучиле да не се појават. Среќа имавме план за таква ситуација и имавме т.н. „листа на чекање“. Тоа е неодговорен пристап пред се, бидејќи се работи за безбедност на граѓани и други кои што чекаат, кажа шефот на македонската дипломатија.

Во Доха има 162 лица од кои 89 изразиле подготвеност за евакуација. Во Кувајт 36, Бахреин 15, а во Саудиска Арабија 5 лица. За нив е организиран транспорт до Риад по што во текот на оваа недела ќе се реализира лет до Македонија.

Сите македонски државјани што се наоѓаат на Блискиот Исток и кои сакаат да се евакуираат, во текот на оваа недела ќе бидат вратени во земјата, изјави министерот за надворешни работи. Тој, исто така, кажа дека евакуацијата е бесплатна.

„Причината е тоа што државниот систем е создаден за во вакви кризни ситуации да им излезе во пресрет на граѓаните“, рече Муцунски и ги повика сите кои сакаат да се евакуираат да стапат во контакт со Министерството.