Дел од македонските државјани кои се наоѓаат во Саудиска Арабија, Кувајт и Бахреин утре со специјален лет ќе се вратат во земјава, информираше Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Министерството преку објава на „Фејсбук“ ги известува граѓаните за времето и местото на собирање, по што ќе бидат пренесени до Аеродромот „Кинг Калид“ во Ријад, од каде ќе полета авионот на авиокомпанијата „Флајнас“.
Македонските граѓани кои се во Саудиска Арабија треба утре во 17 часот по локално време да бидат на Терминал 1 на аеродромот во Ријад. За граѓаните во Кувајт ноќва е организиран автобуски превоз кон Ријад, додека за оние во Бахреин автобусот ќе тргне утре во 6 часот наутро од Манама.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски информираше дека во тек е координиран процес за евакуација на македонските државјани од повеќе земји на Блискиот Исток, кој се очекува да заврши до крајот на неделата.
Во неделата вечерта на скопскиот аеродром пристигнаа 151 патник од Обединетите Арапски Емирати со лет на „Флај Дубаи“, од кои повеќето беа македонски државјани.