Војната на Блискиот Исток го предизвика најголемото нарушување на снабдувањето со нафта во историјата

Најголемите прекини во снабдувањето моментално се регистрирани во Ирак, Катар, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија

од Кристијан Димков
7 прегледи

Војната на Блискиот Исток го предизвика најголемото нарушување на снабдувањето со нафта во историјата на глобалниот пазар, соопшти Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) во месечниот извештај, откако сообраќајот на сирова нафта и нафтени деривати низ Ормутскиот теснец беше речиси целосно запрен за околу 20 милиони барели дневно.

Земјите од Заливот го намалија производството за најмалку 10 милиони барели дневно.

ИЕА проценува дека глобалното снабдување со нафта ќе се намали за околу осум милиони барели дневно во март, бидејќи падот на снабдувањето на Блискиот Исток е само делумно компензиран од зголеменото производство од земјите кои не се членки на ОПЕК+, како и од Казахстан и Русија.

Иако обемот на загубите ќе зависи од времетраењето на конфликтот, просечното глобално снабдување со нафта би можело да се зголеми за околу 1,1 милион барели дневно оваа година, при што земјите кои не се членки на ОПЕК+ веројатно ќе бидат главниот извор на зголемувањето, соопшти ИЕА.

За потсетување, земјите-членки на ИЕА оваа недела се согласија да ослободат 400 милиони барели нафта од стратешките резерви на пазарот за да ги ублажат нарушувањата во снабдувањето. Во јануари, глобалните залихи на нафта изнесуваа околу 8,2 милијарди барели, од кои околу половина беа во земјите од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Поради бројните откажувања на летови и прекини во снабдувањето со течен нафтен гас, се очекува глобалната побарувачка за нафта да се намали за околу 1 милион барели дневно во март и април.

Најголемите прекини во снабдувањето моментално се регистрирани во Ирак, Катар, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија.

Пазарите на дизел и млазно гориво се особено ранливи на продолжени загуби во производството и извозот од Блискиот Исток, бидејќи можностите за брзо зголемување на производството во другите региони се ограничени.

Во исто време, откажувањата на летови на главните аеродроми во регионот веќе ја намалија глобалната побарувачка за млазно гориво, додека ризиците за снабдувањето со течен нафтен гас што се користи за готвење и греење растат, особено во Индија и Источна Африка.

Координираното ослободување на стратешките резерви обезбедува значајна и добредојдена заштита за пазарот, но без брзо завршување на конфликтот, тоа останува само привремена мерка, предупредува ИЕА.

„Крајното влијание врз пазарите на нафта и гас, како и врз пошироката економија, ќе зависи не само од интензитетот на воените напади и штетите врз енергетската инфраструктура, туку и од времетраењето на прекинот на сообраќајот низ Ормутскиот теснец“, заклучува ИЕА.