„Аџибадем Систина“ по четврти пат ја доби акредитацијата од најпрестижната светска организација за акредитирање на здравствени установи

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ по четврти пат ја доби акредитацијата од Joint Commission International (JCI), најпрестижната светска организација за акредитирање на здравствени установи според највисоките стандарди за квалитет и безбедност на пациентите

од Vladimir Zorba
9 прегледи Фото: Систина

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ по четврти пат ја доби акредитацијата од Joint Commission International (JCI), најпрестижната светска организација за акредитирање на здравствени установи според највисоките стандарди за квалитет и безбедност на пациентите.

Со оваа четврта акредитација, болницата уште еднаш го потврдува својот континуитет во одржувањето и унапредувањето на врвните стандарди во здравствената грижа. Ревизијата на болницата се одржа во периодот од 23 до 26 февруари и беше спроведена од страна на меѓународен тим експерти на организацијата Joint Commission International, при што беа детално евалуирани сите клинички и административни процеси, организациски структури, услуги и процедури поврзани со безбедноста и третманот на пациентите.

По завршената контрола, ревизорите беа едногласни во ставот дека Клиничката болница „Аџибадем Систина“ овозможува беспрекорна грижа за пациентите во согласност со светските протоколи и стандарди и има воспоставено функционален систем што овозможува пациентите да се чувствуваат безбедно.

„Континуитетот во одржувањето и унапредувањето на квалитетот на грижата за пациентите е најголемата потврда за сериозноста на една здравствена институција. Токму затоа сме горди што успеавме да изградиме институција која не само што ги достигнува, туку и низ годините ги одржува највисоките меѓународни стандарди за безбедност и квалитет. Тоа е доказ дека болницата има изградено стабилен систем во кој пациентите се згрижени идентично како и во другите светски болници, почитувајќи ги истите протоколи и упатства што се применуваат во најпрестижните здравствени центри“, изјави д-р Емилија Мирчевска, медицински директор.

ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА НА JCIСТАНДАРДИТЕ Е ГАРАНЦИЈА ЗА БЕЗБЕДНОСТ И ГРИЖА

Примената на JCI-стандардите подразбира воспоставување јасни, мерливи и строго контролирани процеси во секој сегмент од работењето. Тие се темелат врз интернационалните цели за безбедност на пациентите, кои вклучуваат: прецизна идентификација на пациентот, ефективна и структурирана комуникација, зголемена безбедност при употреба на високоризични лекови, сигурни и безбедни хируршки процедури, превенција и контрола на интрахоспитални инфекции, како и намалување на ризикот од повреди при болнички престој.

Во „Аџибадем Систина“ овие стандарди се целосно имплементирани и интегрирани во секојдневната практика. Болницата располага со над 3 500 пишани процедури, протоколи и формулари, кои задолжително се применуваат и редовно се ревидираат и унапредуваат.

„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ Е ПРВАТА БОЛНИЦА ВО РЕГИОНОТ СО ОВАА ПРЕСТИЖНА АКРЕДИТАЦИЈА

Со првата акредитација во 2016 година, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се запиша на мапата на акредитирани болници на Joint Commission International (JCI) и стана прва здравствена институција во земјава која работи во согласност со високите стандарди за безбедност и квалитет. Од првата акредитација до денес, болницата континуирано инвестира во унапредување на клиничките процеси, едукација на кадарот и развој на целосно интегриран здравствен систем, кој поставува високи критериуми во здравствената грижа според светски стандарди.