Оревите што ги купивте се горчливи? Пробајте ги овие методи и вратете им го вистинскиот вкус

од Весна Трајкова
27 прегледи Фото: Captainzz / Pixnio

Горчината кај оревите не е ретка појава, но тоа не значи дека треба да ги фрлите веднаш штом ќе ја почувствувате. Напротив, постојат неколку едноставни начини да го вратите нивниот пријатен, благо сладок вкус и без проблем да ги искористите во подготовката на колачи и торти.

Многу луѓе барем еднаш се нашле во ситуација кога подготвуваат десерт, а дури откако ќе ги исчистат оревите забележуваат дека имаат горчлив вкус. Наместо да се откажете од рецептот, доволно е да примените неколку практични трикови што можат да го решат овој проблем.

Еден од наједноставните начини е да ги потопите оревите во вода. Ставете ги исчистените јатки во длабок сад и прелијте ги со вода на собна температура така што целосно ќе бидат покриени. Откако ќе отстојат кратко време, водата фрлете ја и заменете ја со нова. Повторете ја постапката неколкупати. Ова го отстранува тенкиот слој од оревите што најчесто предизвикува горчина.

Друга опција е накратко да ги загреете во тава. Оревите ставете ги во сува, загреан тава и лесно пропржете ги, мешајќи постојано. Освен што ја намалуваат горчината, оревите добиваат побогат и поинтензивен вкус, што ги прави идеален додаток на колачи и торти.

Покрај овие методи, постојат и неколку други корисни трикови. Краткото бланширање, односно варењето во вода една до две минути, ја отстранува горчливата лушпа (кожичка) и значително ја намалува горчината. Потоа, оревите можат веднаш да се користат во подготовката на колачи.

За колачи и десерти, краткото пржење на оревите во тава со мала количина шеќер или мед ја отстранува горчината и додава слатка, карамелизирана нота што совршено ги надополнува десертите.

Оревите можат да станат горчливи ако стојат долго време или се чуваат на топло и светло место. Најдобро е да ги чувате во херметички затворен сад, на ладно и темно место, а уште подобро во фрижидер или замрзнувач.