Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство остро реагира и го осудува секое незаконско и противправно однесување, вклучително и најновиот случај поврзан со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство.
Од ресорното министерство велат дека очекуваат Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство целосно да го истражат случајот и да постапат во согласност со важечките закони и прописи.
Оттаму потенцираат дека секое прекршување на законите, како и злоупотребата на службената функција за лична корист, мора да биде санкционирано и дека секој што постапил спротивно на законот ќе сноси одговорност.
„За разлика од претходно кога СДС и ДУИ беа на власт и ги штитеа своите високи владини и партиски функционери, оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ спроведува неселективна правда, без оглед на функцијата, позицијата или политичката припадност.
Повеќе нема привилегирани и заштитени, ќе одговара секој, без исклучок.“ се вели во соопштението на Министерството и ги охрабруваат земјоделците доколку се соочат со слични ситуации, веднаш да ги пријават кај надлежните институции.