Руте: НАТО не може да ги потврди тврдењата дека Иран може да ги гаѓа Париз, Берлин и Лондон

Предупредувањето на Израел следеше по иранскиот напад врз британско-американската воена база „Диего Гарсија“ во петокот навечер.

од Кристијан Димков
21 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ NATO News

НАТО не може да ги потврди израелските тврдења дека Иран може со свои ракети да ги гаѓа Париз, Берлин и Лондон, изјави денес генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во телевизиско интервју.

Предупредувањето на Израел дојде по иранскиот напад врз британско-американската воена база „Диего Гарсија“ во петокот навечер, кој, иако неуспешен, покажал дека Техеран располага со ракетен дострел што претходно не бил јавно потврден, пренесува Си-Би-Ес Њуз.

„Во моментов не можеме да ги потврдиме израелските тврдења, но ги истражуваме“, изјави Руте.

Тој посочи дека, доколку тоа предупредување е точно, тоа е уште еден доказ дека постапките на Доналд Трамп и нападот на САД врз Иран се клучни во отстранувањето на иранската нуклеарна закана.

„Она што сигурно го знаеме е дека се многу блиску до тоа да ја имаат таа способност. Случајот со британската база сè уште го проценуваме, но ако тоа е точно, тие веќе ја имаат таа способност; ако не е точно, знаеме дека се многу блиску до тоа да ја стекнат“, изјави Руте, пренесува Танјуг.