Каран: Не го уништија српскиот народ, туку стана уште посилен

Каран нагласи дека денес е ден на сеќавање на 2.500 невини цивили кои ги загубиле животите во 78 дена од агресијата на НАТО врз мајка Србија и српскиот народ

од Кристијан Димков
10 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/СРНА

Претседателот на Република Српска, Синиша Каран, изјави дека НАТО пред 27 години со невидена сила ја нападнал суверената држава Србија и српскиот народ, со што, како што рече, дефинитивно било урнато меѓународното право, но не успеал да ги уништи Србите, кои станале уште посилни.

„И денес сведочиме на последиците од рушењето на меѓународното право – она што се случува денес, му се случи на српскиот народ пред 27 години. Не само што убиваа цивили, нивни цели беа мостови и целокупната инфраструктура и цивилни објекти. Фрлени се повеќе од 22 тони експлозив и 37.000 забранети касетни бомби, со 22.000 борбени летови над Србија“, изјави Каран.

Каран нагласи дека денес е ден на сеќавање на 2.500 невини цивили кои ги загубиле животите во 78 дена од агресијата на НАТО врз мајка Србија и српскиот народ.

„За жал, меѓу жртвите имаше и 89 деца и денес се сеќаваме на нивните солзи и прекинатата игра. Се сеќаваме и на 1.031 загинат припадник на војската и полицијата на Србија“, истакна Каран.

Каран подвлече дека српскиот народ никогаш не смее да заборави, бидејќи народ што заборава нема ни сегашност ни иднина. „Мислеа дека тогаш ќе го уништат српскиот народ, но не успеаја. Србите станаа уште посилни. Не нè уништија ни во Првата, ни во Втората светска војна, ниту во војната во БиХ. Она што го научивме низ тие војни е дека слободата нема цена“, додаде Каран.

Тој истакна дека токму тоа го покажала мајка Србија – дека постои сила и единство да се одбрани српското национално битие кога и да биде загрозен кој било Србин.

НАТО на 24 март 1999 година ја започна агресијата врз Сојузна Република Југославија.

Агресијата траеше 78 дена, при што загинаа илјадници војници и цивили, а беше предизвикана материјална штета што се мери во десетици милијарди долари.

Во агресијата беа користени убиствени средства забранети со меѓународни конвенции, вклучително и касетни бомби и гранати полни со осиромашен ураниум.