Путинов пратеник изјави дека поради најавите од Велика Британија цената на нафтата би можела да достигне 200 долари за барел

„Со оглед на беспрекорното „досие“ на британскиот премиер Кир Стармер и неговите постојани неуспеси, цените на нафтата на крајот би можеле да достигнат 200 долари за барел“, напиша Дмитриев

од Кристијан Димков
8 прегледи Фото: Принтскрин/Си-Ен-Ен

Пратеникот на рускиот претседател и прв човек на Рускиот фонд за директни инвестиции, Кирил Дмитриев, се осврна на изјавите на британскиот премиер Кир Стармер, оценувајќи дека тие би можеле да придонесат за дополнителен раст на цените на нафтата. Имено, Дмитриев ги коментираше најавите на Стармер дека Велика Британија ќе предводи коалиција која ќе овозможи слободна пловидба низ Ормускиот теснец.

„Со оглед на беспрекорното „досие“ на британскиот премиер Кир Стармер и неговите постојани неуспеси, цените на нафтата на крајот би можеле да достигнат 200 долари за барел“, напиша Дмитриев.

Претходно, „Политико“, повикувајќи се на неименуван британски функционер, објави дека наскоро би можела да се одржи безбедносна конференција во врска со затворањето на Ормускиот теснец, при што Велика Британија се разгледува како домаќин. Функционерот изјавил дека Лондон сака да помогне во формирање коалиција и создавање на замав со цел да се обезбеди безбеден премин низ теснецот и да се врати довербата кај комерцијалниот бродски сообраќај.

Изворот на „Политико“ се осврнал и на опциите за обезбедување безбедна пловидба низ Ормускиот теснец, кој го поврзува Персискиот Залив со Оманскиот Залив и понатаму со Индискиот Океан.

Функционерот споменал беспилотни, далечински управувани системи за отстранување мини, со кои се управува од брод, но признал дека тоа не би било изводливо со оглед на моменталното ниво на тензии.