Рускиот претседател Владимир Путин побарал од олигарсите да донираат во државниот буџет со цел да се стабилизираат финансите на земјата додека продолжува со инвазијата врз Украина, објави порталот „The Bell“ во четвртокот вечерта, повикувајќи се на неименувани извори, пренесува Ројтерс.
Се наведува дека Путин во четвртокот се сретнал со водечки руски бизнисмени зад затворени врати.
„Фајненшл тајмс“ исто така во четвртокот објави сличен извештај, повикувајќи се на три лица запознаени со прашањето. „The Bell“, повикувајќи се на извори, наведе дека Путин разговарал за финансирањето на војската и продолжувањето на војната, која влезе во петтата година од руската инвазија започната во февруари 2022 година.
Русија ќе се бори, изјавил Путин, сè додека не ги заземе преостанатите делови од источниот украински регион Донбас кои не се под нејзина контрола, се додава во извештајот. „The Bell“ исто така објави дека милијардерот Сулејман Керимов на состанокот со Путин ветил донација од 1,23 милијарди долари. Ројтерс не можеше веднаш да го потврди извештајот. На повиците до канцеларијата на Керимов во Советот на Федерацијата на Русија немало одговор во петокот надвор од работното време.
Додека војната во Украина се одолговлекува, Русија се соочува со двоен удар од пад на буџетските приходи од продажба на енергенси и економско забавување, што влијае врз даночните приходи од другите сектори на економијата.
Извори претходно овој месец му рекле на Ројтерс дека руската влада подготвува можно намалување од 10 проценти на ненужните трошоци во овогодишниот буџет, но конечната одлука ќе зависи од одржливоста на растот на цената на нафтата предизвикан од војната во Иран.