Левица: И директор во ЕСМ и Советник во Скопје – Илјази, тврди „нема случај“ но законот го вели спротивното

Оттаму велат дека очекуваат од Државната комисија за спречување на корупцијата да го разгледа случајот целосно и транспарентно и да постапи во рамки на своите надлежности

од Кристијан Димков
26 прегледи Фото: Принтскрин/Левица

Политичката партија Левица отвора прашање за, како што наведуваат, сериозно прекршување на законите и пример на неспоивост на функции. Тие посочуваат дека Астрит Илјази истовремено ја извршува функцијата директор на ХЕС „Треска“, во рамки на државната компанија АД ЕСМ, и е советник во Град Скопје од редовите на Влен, повикувајќи се на објава на Портал Х.

„Наместо одговорност, Илјази тврди дека „нема никаков случај“, дека се консултирал со ЕСМ и ЕЛЕМ и дека, како што дознаваме од извори од Антикорупциска изјавил дека „некој го мести“.

Според Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, избрано лице, во случајов советникот Илјази, не смее истовремено да врши функција на одговорно лице во правно лице со државен капитал, во случајов, директорот Илјази.

ХЕС „Треска“ е дел од државната компанија АД ЕСМ, што значи дека директорската позиција претставува функција во субјект со доминантен државен капитал.

Оттука, не станува збор за лична проценка или толкување, туку за јасна законска одредба.“, велат од Левица.

Оттаму велат дека очекуваат од Државната комисија за спречување на корупцијата да го разгледа случајот целосно и транспарентно и да постапи во рамки на своите надлежности.