Иран дозволи 20 пакистански бродови да поминат низ Ормускиот теснец

Министерот за надворешни работи на Пакистан, Исхак Дар, изјави дека Иран дал одобрение за премин на 20 бродови под пакистанско знаме низ Ормускиот Теснец, потег што го опиша како „навестување на мир“.

од Кристијан Димков
28 прегледи Фото: Принтскрин/Њу Јорк Тајмс

Според овој договор, Иран секојдневно ќе дозволува премин на по два брода под пакистанско знаме низ овој клучен пловен пат, изјави Дар.

„Оваа позитивна објава претставува значаен чекор кон мирот и ќе ги зајакне нашите заеднички напори во таа насока“, додаде тој.

Во изминатите недели, Иран веќе дозволи премин на неколку пловила поврзани со Пакистан, кој помага во посредувањето на преговорите меѓу Вашингтон и Техеран.

Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, ги пофали посредничките напори на Пакистан со цел запирање на американско-израелската војна против неговата земја.

За време на телефонски разговор со премиерот на Пакистан, Шехбаз Шариф, Пезешкијан „му се заблагодари на Пакистан за неговите напори во посредувањето со цел да се запре агресијата врз Исламската Република“, соопштија од претседателството.

Разговорот се одржал во момент кога министрите за надворешни работи на Саудиска Арабија, Египет и Турција се подготвуваат за состанок со пакистански претставници во Исламабад, каде ќе се разговара за војната.