Трамп ги турка Исланд и Норвешка кон ЕУ

Безбедносните стравови ги приближуваат Исланд и Норвешка до Брисел

од Кристијан Димков
15 прегледи Фото: Printscreen/Youtube/Sky News

Исланд и Норвешка, земји кои со децении го одбиваа членството во Европската унија, сè посериозно размислуваат за пристапување кон Брисел, а клучната причина за оваа промена лежи во новите безбедносни околности по враќањето на Доналд Трамп на чело на САД во 2025 година, пренесува Политико.

Според дипломатски извори, низа потези на американската администрација – од воведување нови увозни тарифи, преку закани за анексија на Гренланд, до поостра реторика кон сојузниците во рамките на НАТО – ги поттикнале северноевропските земји да ја преиспитаат својата позиција и да се приближат кон Европската унија.

Исланд веќе направи конкретен чекор, забрзувајќи ги подготовките за референдум за продолжување на пристапните преговори. Министерката за надворешни работи Торгердур Катрин Гунарсдотир истакна дека членството би донело дополнителна сила во рамките на поширока заедница на држави што ги делат истите вредности. „Би биле посилни во поголема група истомислечки земји кои се залагаат за демократија, слобода и човекови права“, порача таа.

Сличен тон доаѓа и од Норвешка. Конзервативната политичарка Ине Ериксен Сереиде нагласува дека геополитичката рамка во Европа значително се променила.

„НАТО има еден сет алатки, Европската унија друг. Токму затоа членството во ЕУ сега е важно од безбедносна перспектива за земја како Норвешка. Дојдовме до клучен момент во кој таа одлука доби нова тежина“, изјави Сереиде.

Иако мнозинството од норвешката јавност сè уште не го поддржува влезот во ЕУ, забележлив е раст на поддршката во последната година и пол, што укажува на постепена промена на расположението.

За самата Европска унија, евентуалниот прием на економски силни и институционално стабилни држави како Исланд и Норвешка би претставувал значително полесен процес отколку проширувањето кон посиромашните источни кандидати. За разлика од земји како Украина, Молдавија или државите од Западен Балкан, овие две скандинавски држави веќе исполнуваат околу 80 проценти од условите за интеграција и би можеле релативно брзо да станат полноправни членки.

Гунарсдотир претходно изјави дека Исланд би можел да се приклучи на Унијата во рок од година и пол, доколку граѓаните на референдумот, закажан за 29 август, го поддржат продолжувањето на преговорите. Во тој случај, процесот на пристапување би бил „прилично брз“, а Исланд би можел, како што наведе, да ги престигне и најнапредните кандидати, вклучително и Црна Гора, и да стане 28. членка на Европската унија.

Овој пресврт во северна Европа покажува дека безбедносните фактори сè повеќе го преземаат приматот над традиционалните економски аргументи, што во наредниот период би можело значително да ја промени динамиката на проширувањето на ЕУ.