Европската унија разгледува различни опции во однос на Унгарија, вклучително и сценарија кои досега се сметаа за политички чувствителни, пишува Политико. Според наводите на весникот, во дипломатските кругови повторно се отвора прашањето за можноста за „оддалечување“ на Будимпешта од европскиот блок доколку премиерот Виктор Орбан продолжи со политички курс што предизвикува несогласувања во рамките на Унијата.
Иако досега ниту една држава не е исклучена од Европската унија, а самата идеја за формално исфрлање не постои во основачките договори, оваа тема повеќе не е целосно табу. Еден европски дипломат за „Политико“ посочил дека постојат интерни анализи кои разгледуваат правни механизми за потенцијално дистанцирање од Унгарија.
Меѓу разгледуваните опции се споменува и примена на Член 50 од Договорот за Европската Унија, кој предвидува доброволно повлекување на земја членка, а кој Обединетото Кралство го искористи во процесот на Брегзит. Покрај тоа, се наведува дека се бараат и други правни „пукнатини“ што би овозможиле сличен исход, иако се признава дека таквите сценарија засега се претежно теоретски.
„Тоа е нереално, но звучи добро. Пред неколку години за ова се зборуваше исклучиво во теорија, а сега темата повторно се враќа во расправите“, изјавил еден од дипломатите.
Друг извор предупредува дека во европските договори не постои клаузула за исклучување на членка и дека евентуалното оддалечување на Унгарија би можело да има сериозни геополитички последици.
„Не го гледам тоа како опција која навистина нè интересира. Се поставува прашањето што би направила Унгарија во таков случај – постои ризик да падне под посилен влијание на Русија“, оценил соговорникот.
Како алтернативен пристап, „Политико“ ја наведува и можноста за институционални промени во рамките на ЕУ, пред сè воведување поширока примена на гласање со квалификувано мнозинство. Тој модел подразбира одлуката да ја поддржат најмалку 55 проценти од државите членки, кои претставуваат најмалку 65 проценти од вкупното население на Унијата, со што би се намалила можноста за блокада од страна на поединечни држави.
Оваа расправа, иако засега е во доменот на политички и дипломатски шпекулации, укажува на растечките тензии во рамките на Европската унија и сè почестото преиспитување на механизмите на одлучување и внатрешната кохезија на блокот.