Словенија издаде обврзници во јуани во вредност од 500 милиони евра

Можноста за издавање панда обврзници минатата есен, за време на работната посета на Кина, ја разгледувал со своите соговорници министерот за финансии Клемен Боштјанчич. Тогаш објаснил дека Државната ризница на тој начин се обидува да ја заштити Словенија од финансиски шокови

од Кристијан Димков
25 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/CNA

Словенија издаде обврзници во јуани на кинескиот пазар. Големината на емисијата изнесува 4 милијарди јуани, односно околу 500 милиони евра. Главен организатор е „Bank of China“ во соработка со други кинески банки

Министерството за финансии на 24 март објави мандат за издавање на т.н. „панда обврзници“. Книгата на нарачки официјално беше отворена во понеделникот со почетен распон на каматни стапки меѓу 1,70 и 2,20 проценти. Изданието привлече широк интерес кај домашните кинески меѓубанкарски инвеститори. Силната побарувачка му овозможи на издавачот да ја намали цената во рамките на почетниот распон, при што конечната купонска каматна стапка изнесува 1,89 проценти.

„Оваа револуционерна трансакција претставува најголемо прво издавање на т.н. панда обврзници во историјата на пазарот на панда обврзници, каде издавач е држава“, соопшти Министерството за финансии. Додаваат дека „со ова издавање Словенија ја зацврстува својата позиција како прогресивен и иновативен издавач на азиските пазари на капитал и покажува проактивен пристап кон диверзификација на изворите на финансирање“.

Главен аранжер и водител на книгата е „Bank of China“, додека заеднички аранжери и водители на книгата беа „China Construction Bank Corporation“, „Industrial and Commercial Bank of China“, „HSBC Bank (Кина) и The Export-Import Bank of China“.

Во структурата на инвеститорите, банките учествуваат со 98,2 проценти, брокерските куќи со 1,2 проценти, а странските инвеститори со 0,6 проценти. Кога станува збор за географската распределба, Кина учествува со 93,4 проценти, Хонг Конг (Кина) со 6,0 проценти и Африка со 0,6 проценти.

Можноста за издавање панда обврзници минатата есен, за време на работната посета на Кина, ја разгледувал со своите соговорници министерот за финансии Клемен Боштјанчич. Тогаш објаснил дека Државната ризница на тој начин се обидува да ја заштити Словенија од финансиски шокови.

Затоа, предминатата и минатата година државата издаде и обврзници на јапонскиот пазар, односно т.н. самурај обврзници во јени. Предминатата година големината на емисијата изнесуваше 50 милијарди јени или 311 милиони евра според тогашниот курс, а минатата година 31 милијарда јени или околу 175 милиони евра.

Овојпат емисијата претставуваше само помал дел од годишните потреби за финансирање на државниот буџет, додека главниот пазар за финансирање останува пазарот на Европската унија со издавање синдицирани еврообврзници.