На адресите на граѓаните во Србија кои имаат и унгарско државјанство им пристигнуваат писма од унгарскиот премиер со повик да го искористат своето избирачко право, пишува РСЕ.
Во писмата Орбан, кој првпат има силен противник на изборите, тврди дека влогот „не е ништо помалку од иднината на нацијата“.
„Ризикот од војна што ѝ се заканува на Европа сè повеќе расте и носи сериозна енергетска криза и раст на трошоците за живот. Во вакви времиња Унгарците можат да се потпрат само еден на друг“, порачува Орбан.
Орбан и неговата партија Фидес се соочуваат со предизвик на овие избори, бидејќи предизборните анкети предност му даваат на Петер Маѓар, кој ја предводи опозициската партија Тиса.
Претставниците на власта во Србија, долгогодишни партнери на унгарскиот премиер, ги повикуваат гласачите да гласаат за Орбан. Тоа го направија Српската напредна странка (СНС) на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и нејзиниот коалициски партнер Сојузот на војвоѓанските Унгарци (СВМ).
Ѓенѓика Пауновиќ од Белград за РСЕ вели дека одлучила да гласа и без повик од српските власти.
„Гласам за Орбан. Откако е на власт, многу се грижи за Унгарците од дијаспората. Мислам дека (Петер) Маѓар нема толку да се грижи. Ќе го слуша строго Брисел. Тоа е мој впечаток.“
Таа вели дека претприемачите и земјоделците можат да добијат неповратни средства од унгарската влада за својата механизација, а младите брачни парови за недвижности.
Меѓу оние што добиле таква помош се, како што изјави, нејзини пријатели и роднини.
Унгарците, според последниот попис од 2022 година, се најбројно малцинство во Србија со повеќе од 184.000 граѓани.
Според податоците на унгарската Национална изборна канцеларија, 85.933 унгарски државјани се регистрирале за гласање во Србија. Од нив, 85.353 ќе гласаат по пошта, додека 580 ќе гласаат во дипломатските претставништва на Унгарија во Белград и Суботица.
Меѓу нив е и Клара од Белград, која вели дека гласа веќе 10 години, откако има двојно државјанство.
„Не ме мотивираше ниту писмото на Орбан ниту повикот од српските власти. Со тоа што имам државјанство сметам дека имам право, но и граѓанска обврска да гласам“, изјави таа за РСЕ.
Повикот од српските власти да се гласа за владејачката партија во Унгарија го доживува како вид притисок.
„Мислам дека тоа е загрижувачки. Смислата на изборите е да дадете глас врз основа на став што сте го донеле со сопствено слободно размислување“, додаде таа.
Десничарскиот популистички лидер Виктор Орбан се бори за нов мандат по 16 години на власт, во време кога Унгарија се соочува со слаб економски раст и инфлација. Орбан често е во конфликт со Брисел и Европската Унија поради Русија, со чиј лидер Владимир Путин одржува блиски односи.
Се проценува дека исходот од унгарските избори може да има влијание и надвор од границите на Унгарија поради подемот на конзервативните и крајно десничарските политички движења во Европа. Орбан пред изборите доби поддршка од лидери на европските популисти и крајната десница, како Марин Ле Пен и Герт Вилдерс.
Меѓу политичките личности што се појавуваат во промотивното видео за поддршка на Орбан е и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Дека владејачката СНС „од срце навива“ за победа на Фидес и Орбан, изјави на 22 март претседателот на партијата Милош Вучевиќ.
„Не кријам, СНС од срце навива за победа на Фидес, навиваме Орбан да победи на 12 април. Мислам дека победата на Орбан е гаранција за најдобри можни односи меѓу Србија и Унгарија“, изјави тој за ТВ Пинк.
Слични пораки беа упатени и од регионален граѓански собир организиран од СВМ, коалициски партнер на СНС.
На настанот „Сигурна точка. Сигурен избор. Сигурна иднина“, одржан на 18 март во Суботица, Орбан преку видео порака побара поддршка.
Тој порача дека тоа е глас за „останување на Унгарија и Србија надвор од воените случувања“ и за продолжување на добрите унгарско-српски односи.
Лидерот на СВМ, Балинт Пастор, изјави дека ќе се работи максимално на мобилизација на гласачите со двојно државјанство.
„Бидејќи Виктор Орбан размислува за единствена нација и им дава поддршка и на оние што живеат надвор од границите на Унгарија, СВМ ќе направи сè што е можно повеќе војвоѓански Унгарци со двојно државјанство да дадат поддршка за Орбан и Фидес“, изјави Пастор.
СВМ е сестринска партија на Фидес и најголема партија на Унгарците во Србија. СНС и СВМ не одговорија на прашањата на РСЕ во врска со поддршката за Орбан.
Професорот Бојан Пајтиќ од Универзитетот во Нови Сад вели дека опозицијата може да поддржи некоја партија во друга држава, но не и власта.
Тој смета дека власта не треба да се меша во изборите во други држави, особено кога станува збор за соседна земја, бидејќи ќе мора да соработува со неа.
„Во тој случај, СНС потенцијално им нанесува штета на националните интереси поради личните односи меѓу двајцата претседатели“, оценува Пајтиќ.
Дејан Бурсаќ од Институтот за филозофија и општествена теорија во Белград смета дека повикот за поддршка на Орбан е политички интерес.
„Тоа е меѓусебна соработка на два авторитарни режима кои функционираат во рамки на кревки демократски институции во двете земји.“
Орбан и Вучиќ со години ја зајакнуваат соработката меѓу двете држави, оценувајќи дека односите се на „историски максимум“.
Унгарија се залага за брз влез на Србија во Европската Унија, додека Србија стагнира на тој пат од почетокот на руската агресија врз Украина во 2022 година.
Двете земји работат на енергетски и инфраструктурни проекти, вклучително и нафтовод и железничката линија Белград – Будимпешта.
Додека властите соработуваат, опозицијата во двете земји ги обвинува за нарушување на демократијата, а Брисел ги критикува поради владеењето на правото и слободата на медиумите.
Исто така, Орбан и Вучиќ ги зајакнуваат односите со Пекинг и Москва, што наидува на критики од ЕУ.
„Промената на власта во Унгарија би била сигнал дека никој не е незаменлив“, вели Пајтиќ.
Тој смета дека тоа би било психолошки удар за Вучиќ, кој гради имиџ на лидер кој не може да биде сменет.
Политикологот Дејан Бурсаќ додава дека поразот на Орбан би покажал дека автократските режими не се непобедливи на избори.
„Поддршката од Унгарија за режимот во Белград би била доведена во прашање, бидејќи сегашната опозиција е многу повеќе продемократска и проевропска“, вели тој.
Тој додава дека е прашање и како би се однесувале политичките претставници на унгарското малцинство во Србија во случај на пораз на Фидес.
Претседателот на Србија во промотивно видео порача дека се надева на „уште една победа на Фидес“.
Покрај Вучиќ, Орбан доби поддршка и од италијанската премиерка Џорџа Мелони, вицепремиерот Матео Салвини, чешкиот премиер Андреј Бабиш, француската политичарка Марин Ле Пен, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и аргентинскиот претседател Хавиер Милеј.