Трамп за Макрон: Емануел сè уште се опоравува од директот на сопругата во вилицата

Претседателот на САД, Доналд Трамп, го исмеваше својот француски колега Емануел Макрон и неговата сопруга Бриџит Макрон за време на приватен ручек на 1 април, додека истовремено ги критикуваше сојузниците од НАТО поради неучеството во војната против Иран што го потресува Блискиот Исток

од Кристијан Димков
11 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/WFAA

„Не ни беа потребни, но сепак ги прашав“, изјави Трамп на приватниот ручек, според видеоснимка која накратко беше објавена на Јутјуб-каналот на Белата куќа, пред да биде отстранета.

„Ја повикав Франција, Макрон, чија сопруга се однесува кон него исклучително лошо. Сè уште се опоравува од директ во вилицата“, додаде Трамп.

Притоа се повика на снимка од мај 2025 година која кружеше низ медиумите и за која се чинеше дека прикажува како Брижит Макрон го оттурнува лицето на францускиот претседател за време на посета на Виетнам. Макрон тогаш ги отфрли таквите толкувања, нарекувајќи ги дел од кампања на дезинформации.

Трамп потоа прераскажа наводен разговор со Макрон: „Му реков: ‘Емануел, добро би ни дошла помош во Персискиот Залив, иако поставуваме рекорди во елиминирање на лошите момци и пресретнување балистички проектили. Би ни било драго ако можете веднаш да испратите бродови.’“

Потоа, имитирајќи француски акцент, го опиша одговорот на Макрон: „‘Не, не, не, не можеме да го направиме тоа, Доналд. Тоа можеме откако војната ќе биде добиена.’“

„Му реков: ‘Не, не, мене не ми треба помош откако војната ќе биде добиена, Емануел’“, продолжи Трамп.

Од тоа, како што вели, извлекол поширок заклучок за НАТО: „НАТО нема да биде со нас ако дојде до она големото, знаете на што мислам“, рече тој, без да навлегува во детали.

Трамп притоа го нарече сојузот и „хартиен тигар“, што е најново во низата напади на американскиот претседател и неговите соработници врз трансатлантскиот воен сојуз откако минатата година се врати во Белата куќа.

Еден ден претходно, на 31 март, американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека САД „ќе мора да го преиспитаат“ својот однос со НАТО по завршувањето на војната против Иран.