Силна бура во Грција. Небото доби морничава боја, еден човек почина

Грција во последните години претрпе разорни поплави и шумски пожари, што аналитичарите го припишуваат на забрзаното затоплување на климата

од Кристијан Димков
13 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/The Sun

Маж загина, а десетици куќи беа поплавени во невремето што вчера ја зафати Грција.

Грчките власти го извлекоа телото на маж во приморското туристичко место Неа Макри, на 35 километри североисточно од Атина, изјави во четврток претставник на противпожарната служба за Ројтерс. Најверојатно го однела надојдената вода додека се обидувал да премине поплавена улица, при што останал заглавен под автомобил, пренесоа локалните медиуми.

Противпожарната служба соопшти дека примила стотици повици за спасување на луѓе заглавени во поплавените подрачја, како и за помош при расчистување на патиштата од паднати дрвја, додека бурата Ерминио во средата минувала низ Атина и неколку острови во Егејското море.

Рано во четврток, екипите сè уште отстрануваа остатоци, испумпуваа вода од поплавените објекти и ја санираа оштетената инфраструктура источно од главниот град. Властите исто така забранија испловување на одредени фериботи од пристаништето Пиреја во близина на Атина кон грчките острови.

На медитеранскиот остров Крит, небото во средата добило морничава портокалова боја, бидејќи ветрови со јачина до девет бофори носеле прашина од северна Африка, што го нарушило авионскиот сообраќај.

Грција во последните години претрпе разорни поплави и шумски пожари, што аналитичарите го припишуваат на забрзаното затоплување на климата.