Туск никогаш поостар кон Трамп: „Звучи како план од соништата на Владимир Путин“

Полскиот премиер Доналд Туск остро реагираше на најновите изјави на американскиот претседател Доналд Трамп за НАТО, Русија и војната во Украина, порачувајќи дека таквата политика директно му оди во прилог на Кремљ

од Кристијан Димков
11 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

„Заканата од распад на НАТО, ублажувањето на санкциите кон Русија, големата енергетска криза во Европа, запирањето на помошта за Украина и блокадата на заемот за Киев од страна на Орбан – сето тоа изгледа како план од соништата на Владимир Путин“, изјави Туск. Неговата изјава доаѓа во време на зголемени тензии меѓу западните сојузници поради реториката и потезите на Трамп поврзани со војната во Украина и конфликтот со Иран.

Во последните денови, Трамп повторно отворено го доведуваше во прашање значењето на НАТО, нарекувајќи го „хартиен тигар“ и порачувајќи дека сериозно ја разгледува можноста САД да се повлечат од сојузот. Во интервју за „Телеграф“ изјави дека НАТО „го изгубил своето значење“ и сугерираше дека Америка би можела да го напушти.

Таквите изјави предизвикаа загриженост кај европските сојузници, кои НАТО го сметаат за клучен гарант на безбедноста, особено во контекст на руската инвазија врз Украина.

Во меѓувреме, администрацијата на Трамп неодамна укина дел од нафтените санкции кон Русија поради енергетската криза предизвикана од американско-израелската војна против Иран, што директно му оди во прилог на рускиот претседател Владимир Путин, кој преку продажба на енергенси го финансира својот воен ангажман во Украина.

Дополнително, дел од стратегијата на Трамп вклучува притисок врз Киев да прифати компромисни решенија, што предизвикува загриженост во Источна Европа, особено во Полска и балтичките држави. Туск и други регионални лидери предупредуваат дека ваквиот пристап може да ја зајакне позицијата на Владимир Путин.

Трамп исто така повеќепати се закани дека САД би можеле да ја намалат или целосно да ја прекинат воената и финансиската помош за Украина доколку не види „напредок“ во решавањето на конфликтот. Според неодамнешни пишувања на релевантни западни медиуми, неговата администрација разгледува различни опции, вклучително и условување на понатамошната помош со политички отстапки од страна на Киев.

Ваквиот пристап дополнително ја зголемува несигурноста меѓу сојузниците и го отвора прашањето за долгорочната одржливост на западната поддршка за Украина.

Туск во својата изјава се осврна и на потезите на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој блокираше клучни финансиски пакети за помош на Украина во рамките на Европската Унија. Орбан подолго време води политика поблага кон Москва, што дополнително го комплицира заедничкиот европски одговор на руската агресија.

Комбинацијата од американски и европски поделби, предупредува Туск, создава сценарио што ѝ оди во корист на Русија.

Дополнителен елемент што го истакнува Туск е енергетската криза во Европа, која се влоши поради нестабилноста на пазарите на нафта и гас, делумно и поради војната на Блискиот Исток и тензиите околу Ормутскиот теснец.

Европа и натаму е чувствителна на нарушувања во снабдувањето со енергенси, а секое слабеење на санкциите кон Русија или дестабилизација на сојузништвата може дополнително да ја влоши ситуацијата.

Пораката на Туск ја одразува сè поголемата загриженост кај дел од европските лидери дека комбинацијата од политиките на Трамп и внатрешните поделби во Европа би можела сериозно да го ослаби западниот одговор на руската агресија.