Драстично пораснаа испораките на руски гас во Европа, познато е и каде најмногу

Испораките на руски гас во Европа преку гасоводот ТуркСтрим значително пораснаа во март, пресметаа руските новински агенции ТАСС и Интерфакс врз основа на податоците на европската мрежа на оператори „ENTSOG“, што укажува на зголемена побарувачка поради ниските температури и нарушувањата во снабдувањето од Блискиот Исток

од Кристијан Димков
22 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Anadolu English

Испораките преку европскиот крак на ТуркСтрим во март пораснале за 21 процент во однос на истиот месец минатата година, достигнувајќи 1,7 милијарди метри кубни, покажуваат пресметките на ТАСС и Интерфакс. Во однос на февруари, тие се зголемени за 12 проценти, според истите извори врз основа на податоците од „ENTSOG“.

Во просек, во март на пазарите во јужна и југоисточна Европа се испорачувале 55 милиони метри кубни гас дневно, што значи дека биле искористени 97 проценти од капацитетот на гасоводот. Во првото тримесечје, европскиот крак на ТуркСтрим испорачал вкупно 4,96 милијарди метри кубни гас, што е за 10 проценти повеќе отколку во истиот период минатата година.

Откако на почетокот на 2025 година Гаспром го прекина транспортот на гас преку Украина поради истек на договорот, ТуркСтрим е единствениот активен гасовод преку кој рускиот гас стигнува во Европа. Капацитетот на гасоводот изнесува 31,5 милијарди метри кубни годишно.

Во 2025 година, преку ТуркСтрим во Европа пристигнале 18,1 милијарда кубни метри руски гас, што е за 8,3 проценти повеќе отколку во 2024 година. Русија благо ги зголемила и испораките кон Турција, на 21,2 милијарди кубни метри, при што медиумска агенција ТАСС наведува дека рускиот гас до Турција пристигнува преку Црното Море и гасоводот Блустрим.