Кога срцето ќе застане, а надежта ќе продолжи – Стојче го живее вториот живот благодарение на проф.Николиќ

46-годишниот Стојче Ристов од Струмица со солзи во очите ја започнува својата приказна за својот втор живот

од Vladimir Zorba
9 прегледи Фото: Аџибадем Систина

46-годишниот Стојче Ристов од Струмица со солзи во очите ја започнува својата приказна за својот втор живот. Сѐ започнало додека бил на одмор, кога мигот кога сакал да се опушти и да плива, се претворил во борба за живот. Одеднаш почувствувал силен притисок во градниот кош, па немал сила ни да излезе сам од водата…

ДИШЕШ, НО ТЕ НЕМА! – ВЕЛЕА ДОКТОРИТЕ

По неколку дена почувствувал силно печење во градите. Се разбудил по полноќ, се качил во својот автомобил и заминал во болницата во својот роден град Струмица. Од Струмица го препратиле во Штип, а докторите таму му рекле: „Дишеш, но те нема“. Потоа со итна медицинска помош бил испратен во Скопје.

„Сè се одвиваше бргу, како на филм. Ме донесоа во Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’ и веднаш ме внесоа на итна операција кај проф. д-р Александар Николиќ. Белите дробови ми откажаа. Три бајпаса. 46 дена поминав во болница – денови помеѓу живот и смрт“ – вели Стојче.

„Пациентот беше примен во исклучително тешка, животозагрозувачка состојба. Стануваше збор за напредната коронарна болест, која со години тивко напредувала. Имал ангиозни тегоби 2-3 години наназад, направен е коронарен стрес-тест со позитивен наод и дадена е јасна препорака за коронарографија, но за жал, таа не била реализирана, а препишаната терапија не била редовно земана. Сето тоа доведе до сериозни компликации, кои кулминираа со срцева слабост и белодробна инсуфициенција.

По комплетна дијагностика и консултативен кардиохируршки преглед, беше поставена индикација за итна аортокоронарна бајпас-операција. Направени се три бајпаса, а постоперативниот тек беше долг и комплексен, со интензивна терапија и континуиран мониторинг. Благодарение на навремената хируршка интервенција, посветеноста на целиот мултидисциплинарен тим и огромната волја на пациентот да се избори, денес можеме да кажеме дека интервенцијата беше успешна и дека Стојче доби реална шанса за квалитетен и функционален живот. Овој случај уште еднаш потсетува колку е важно навремено да се реагира и да не се игнорираат симптомите“ – вели проф. д-р Александар Николиќ, специјалист по кардиохирургија.

ЖИВОТОТ МИ ДАДЕ ВТОРА ШАНСА

Во тие 46 дена, додека траел неговиот болнички престој во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, имало моменти кога телото му било во болничкиот кревет, а тој – некаде далеку. Моменти кога неговото семејство чекало пред врата, се молело и се надевало.

„Јас не знаев, но тие веруваа наместо мене. Секој ден беше борба, секој здив – победа. Она што најмногу ме погоди беше човечноста. Не бев само пациент со дијагноза. Бев човек. Со име, со семејство, со страв. Медицинскиот персонал ми зборуваше, ме охрабруваше, ме држеше за рака кога јас немав сила. Тие не лекуваа само срце и бели дробови – лекуваа душа“ – вели тој.

Стојче објаснува дека доколку не биле докторот Николиќ и неговиот тим, не верувал дека ќе бил жив, тие му подариле втор живот, не само со знаење, туку и со човечност, грижа и несебична борба за секој здив.

„Особена благодарност до докторите и целиот медицински персонал – луѓе што ме гледаа како свој. Се чувствував како дома, иако бев на најтешкото место во мојот живот. Денес се чувствувам одлично. Одам на редовни контроли, ги слушам советите, внимавам на исхраната, се движам. Работев како таксист – и полека, чекор по чекор, се враќам во секојдневјето. Јас сум сопруг и татко на две деца и денес, кога ги гледам, знам зошто вредело да се борам“ – вели Стојче.

Неговиот совет е дека при секој најмал симптом, треба да се побара лекарска помош.

„Јас се каам што не одев на доктор порано. Никогаш не бев во болница – до моите 46 години. Но животот ми даде уште една шанса. Бев тежок пушач – четири кутии дневно, 33 години. Денес не сакам ни да ги видам цигарите. Тоа минато остана зад мене“ – вели Стојче.

Денес Стојче кога ќе се погледне во огледало не го гледа истиот човек. Гледа човек што научил да го цени животот, да се радува на обичните работи – утринското кафе, разговор со сопругата, прегратка од децата, прошетка без болка во градите.

„Ова не е само приказна за болест. Ова е приказна за предупредување, за будење. Животот не дава секогаш втори шанси. Јас ја добив – благодарение на луѓе што ја избрале медицината како мисија, а не како професија. И затоа секој нов ден за мене е подарок. Секое утро е доказ дека чудата постојат. Им благодарам од сѐ срце и на д-р Арбен Реџепи, д-р Бети Костадиновска, д-р Александар Божиновски, на сестра Каролина. Тоа се моите вистински херои во бели мантили“ – сподели Стојче.