Унгарија ја обвини Украина за поставување експлозив на гасовод во Србија

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто посочи дека постојат „знаци на украинска вмешаност“ во наводната саботажа на руски гасовод во Србија, која била спречена за време на викендот

од Кристијан Димков
18 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Станува збор за гасовод што пренесува руски гас меѓу Србија и Унгарија, за кој српските разузнавачки служби наведуваат дека пронашле експлозив на критична инфраструктура.

Поради тоа, унгарскиот премиер Виктор Орбан одржа итен состанок за безбедност, по кој Сијарто објави видеоснимка на Фејсбук, во која ја сумира дискусијата од состанокот и повторно ги истакнува своите тврдења дека Украина се обидува да го отежне снабдувањето на Унгарија со гас во услови на глобална енергетска криза.

„Претходно Украинците го разнесоа Северен тек. По експлозиите, долго време тврдеа дека зад тоа стои Русија, што е нелогично, бидејќи зошто Русија би ги разнела сопствените гасоводи? Во последните недели, десетици дронови постојано го напаѓаат гасоводот Турски тек, кој испорачува гас за Унгарија, на руска територија, а сега се чини дека терористичкиот напад што Србија го спречи е дел од тие напади“, изјави Сијарто.

Тој додаде дека оваа наводна саботажа се вклопува во низа инциденти во кои Украина постојано се обидува да го попречи транспортот на руски гас и нафта кон Европа.

Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи Георгиј Тихи ги отфрли обвинувањата и укажа на можноста за руска вмешаност.

„Категорично ги отфрламе обидите лажно да се поврзе Украина со инцидентот со експлозив пронајден во близина на гасоводот Турски тек во Србија. Украина нема никаква врска со ова. Најверојатно станува збор за лажна руска операција како дел од силното мешање на Москва во унгарските избори“, изјави Тихи.