Унијата, составена од 27 земји членки, настојува да го унапреди и усогласи системот за наплата на царини и безбедносни контроли, имајќи го предвид наглиот раст на пратките со мала вредност што пристигнуваат преку онлајн купување. Во текот на 2025 година нивниот број достигна дури 5,8 милијарди.
Привремениот договор беше постигнат по повеќечасовни преговори што траеја до доцна во четвртокот, со учество на претставници на Европскиот парламент и владите на земјите членки. Фокусот беше ставен на финализирање на клучните детали од реформата.
Според новите правила, онлајн платформите што продаваат стока на пазарот на ЕУ ќе се третираат како увозници, што значи дека ќе бидат одговорни и за плаќање царини и за безбедноста на производите. Во случај на повторено прекршување на прописите, на компаниите им се закануваат казни од еден до шест проценти од вкупниот промет остварен во ЕУ во текот на претходните 12 месеци.
Во моментов, царина не се наплатува за пратки со вредност под 150 евра, што овозможи брз раст на платформи како „Shein“, „Temu“ и „AliExpress“, кои стоката директно ја испраќаат до купувачите од Кина. Сепак, планирано е укинување на оваа поволност, со воведување привремена такса од три евра почнувајќи од јули. Европската комисија дополнително ќе дефинира и посебна манипулативна такса која треба да стапи на сила на 1 ноември.
За седиште на идната Царинска управа на ЕУ (EUCA) е избран францускиот град Лил. Оваа институција, со околу 250 вработени, ќе управува со нов дигитален центар за податоци, кој ќе овозможи централизирана контрола врз стоката што влегува во Унијата. Планирано е системот за е-трговија да започне со работа во 2028 година, додека до 1 март 2034 година треба да ги опфати сите увозни производи.
Следната недела Европската Унија испраќа делегација од девет членови во Пекинг и Шангај, со цел разговори за предизвиците во дигиталниот и е-трговскиот сектор, како и за унапредување на фер пазарната конкуренција меѓу Кина и ЕУ, соопшти Делегацијата на ЕУ во Кина.
За време на тридневната посета, европските законодавци планираат средби со кинески официјални лица и регулатори на пазарот, како и со претставници на компании како „Shein“, „Alibaba“ и „Temu“