Владата на Велика Британија не му дозволи на американскиот рапер Канје Вест да влезе во земјата, по негативните реакции поради неговиот планиран настап на фестивалот „Вajрлeс“ во Лондон. Раперот, кој сега е познат како Је, претходно беше најавен како главен изведувач на тридневниот фестивал за рап и ар енд би „Вајрлес“ во Лондон во јули. Поради оваа одлука на владата, целиот фестивал беше откажан.
Најавата дека Вест ќе биде главна ѕвезда на фестивалот „Вајрлес“ предизвика остри реакции од еврејски организации и политичари, поради неговите контроверзни и чести антисемитски изјави во последните години.
Поради негативниот одзив, главните спонзори, меѓу кои „Пепси“ и „Дијагео“, се повлекоа од настанот, кој требаше да се одржи од 10 до 12 јули. Одлуката ја критикуваше и британскиот премиер Кир Стармер, кој ангажманот на Вест го оцени како „длабоко загрижувачки“.
По забраната за влез, организаторот „Фестивал Репаблик“ соопшти дека фестивалот се откажува.
– Фестивалот „Вајрлес“ е откажан и на сите купувачи ќе им биде вратен парите – стои во соопштението.
Во него се додава дека антисемитизмот во сите негови форми е одвратен, а самиот Вест, според нив, изразил желба да започне дијалог со еврејската заедница во Велика Британија.
Раперот претходно изјави дека сака да дојде во Лондон и да одржи настап кој ќе симболизира промена, промовирајќи единство, мир и љубов преку музиката.
Контроверзиите околу него се резултат на низа скандалозни изјави, меѓу кои и јавно изразување поддршка за нацизмот, како и продажба на маици со свастика преку неговиот бренд. Поради ваквите постапки, многу компании, вклучително и „Адидас“, ја прекинаа соработката со него.
Организацијата „Кампања против антисемитизам“ ја поздрави одлуката на британските власти, оценувајќи дека таа е во интерес на јавноста.