Според достапните информации, договорот за соработка опфаќа дури 12 точки и предвидува проширување на односите во низа сектори – од енергетиката до културата.
Документите покажуваат дека унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто и рускиот министер за здравство Михаил Мурашко го потпишале планот по состанок во Москва во декември, пишува „Политико“. Договорот вклучува продлабочување на соработката во области како нуклеарната енергија, нафтата и гасот, но и образованието, спортот и културата. Се споменува и можноста за доаѓање на руски наставници во Унгарија, како и зајакнување на студентските размени.
Целта, како што стои во документите, е долгорочно зацврстување на заемно корисните односи во клучните сектори.
Една од клучните точки се однесува на обидот да се сврти падот на трговската размена, кој следеше по санкциите на ЕУ кон Русија поради војната во Украина.
Планот, исто така, отвора можност за руските компании да учествуваат во нови енергетски проекти во Унгарија, вклучително и во областа на електричната енергија и водородот.
Главниот политички противник на Орбан, Петер Маѓар, ги искористи овие информации за дополнително да ги засили критиките, нарекувајќи го приближувањето кон Москва „отворено предавство“.
Тој тврди дека ваквата политика претставува сериозен ризик за европската позиција на Унгарија и нејзината безбедност.
Сијарто ги отфрли критиките, порачувајќи дека Унгарија води надворешна политика во согласност со сопствените интереси, а не под притисок на, како што рече, „пристрасни либерални медиуми“.
Од руската страна немаше официјален коментар.
Орбан се соочува со еден од најтешките политички предизвици во последните 16 години на власт, додека неговата партија заостанува во анкетите зад опозициското движење Тиса.
Кампањата е обележана со обвинувања за шпионажа, протекување информации и сè поизразени геополитички поделби, при што односите со Москва стануваат едно од клучните прашања.