Грчки и кинески бродови меѓу 11 пловила на кои им е дозволен премин низ Ормутскиот теснец по прекинот на огнот

Нивниот премин едвај ја ублажува блокадата од двете страни на тесниот премин, каде што околу 1.400 бродови сè уште се закотвени

од Кристијан Димков
10 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Њу Јорк Тајмс

Четири ирански, четири грчки и еден кинески брод се меѓу 11-те пловила на кои во рок од 24 часа по прекинот на огнот им е дозволен премин низ Ормутскиот теснец.

Нивниот премин едвај ја ублажува блокадата од двете страни на тесниот премин, каде што околу 1.400 бродови сè уште се закотвени.

Според податоците проверени од AXSMarine, два брода што пловеле кон исток – оманскиот „Lucia“ и грчкиот „Iolcas Destiny“ – добиле дозвола за премин од Заливот во раните утрински часови во четвртокот, и покрај иранската објава дека теснецот е затворен поради загриженост за кревкоста на прекинот на огнот.

Уште еден брод што во средата преминал од запад кон исток не се идентификувал и би можел да биде дел од таканаречената „сенковна флота“, пишува „Гардијан“.

AXS соопшти дека е забележано високо ниво на „спуфинг“ и нарушување на сигналите, особено кај пловилата закотвени во Заливот, при што многу од нив пријавувале лажни позиции.

Иако теснецот фактички е затворен од избувнувањето на војната, Иран направил отстапки кон сојузниците, вклучувајќи ги Кина, Русија, Индија, Ирак и Пакистан, додека на одредени малезиски и тајландски бродови им бил дозволен премин по дипломатски разговори во изминатите шест недели.

Иран на 2 април соопшти дека ќе дозволи премин и за бродови под филипинско знаме по дополнителни преговори.