Имено, како што претходно беше соопштено, Велика Британија и нејзините сојузници повеќе од еден месец следеле руска нападна подморница од класата „Акула“ и две шпионски подморници од класата „Гуги“ во северниот Атлантик, пред тие да се повлечат.
Овие подморници биле под надзор 24 часа дневно со помош на воен брод и авиони и „сега ги напуштиле британските води и се упатиле назад кон север“, изјави Хили, пренесува Би-Би-Си.
Хили наведува дека подморницата „Акула“ „веројатно служела како мамка“ за да го одвлече вниманието од двете подморници „Гуги“ додека тие се задржувале над „критична инфраструктура важна за нас и нашите сојузници“.
Министерот за одбрана вели дека „нема докази дека дошло до каква било штета“ на британските кабли и гасоводи.
Обраќајќи му се на рускиот претседател Владимир Путин, Хили изјави: „Ги гледаме вашите активности над нашите кабли и гасоводи и треба да знаете дека секој обид за нивно оштетување нема да биде толериран и ќе има сериозни последици“.
Хили додава дека Москва и понатаму „претставува закана“, но изразува уверување дека Велика Британија може да ги следи и надгледува идните активности и да продолжи да ги разоткрива „сите тајни операции што Путин сака да ги спроведе, а кои би можеле да ги загрозат нашите витални интереси“.
Министерот за одбрана изјави дека Кралската морнарица распоредила фрегата од тип 23 „HMS St Albans“, бродот „RFA Tidespring“ и хеликоптери „Merlin“ за да ја следат руската нападна подморница додека дејствувала во близина на британските територијални води.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека е решен да ги заштити британските граѓани од тоа „да ја плаќаат цената на агресијата на Путин преку своите сметки во домаќинствата“.
„Затоа нема да се двоумиме да преземеме мерки и да ги разоткриеме дестабилизирачките активности на Русија кои имаат цел да ја тестираат нашата решителност. Нашите вооружени сили се меѓу најдобрите во светот и британската јавност не треба да има никаква сомнеж дека оваа влада ќе направи сè што е потребно за да ја одбрани нашата национална и економска безбедност, каде и да е тоа потребно“, додаде тој.