Израел одлучи да ја исклучи Шпанија од Цивилно-воениот координативен центар (ЦВКЦ) во градот Кирјат Гат, тврдејќи дека властите во Мадрид покажуваат „јасна пристрасност кон Израел“.
Оваа одлука ја објави во петок министерот за надворешни работи Гидеон Саар, во координација со премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Израелското Министерство за надворешни работи изјавил дека одлуката е донесена „во контекст на антиизраелската опсесија на шпанската влада предводена од Педро Санчез и сериозното кршење на интересите на Израел, но и на Соединетите Американски Држави“.
Израелските власти потврдиле дека до Шпанија е испратено формално известување, додека Соединетите Американски Држави биле информирани однапред за овој потег.
Саар порачал дека Шпанија повеќе не може да игра конструктивна улога во рамките на ЦВКЦ, нагласувајќи дека „владата на Санчез ја изгубила сета способност да биде корисен фактор во спроведувањето на мировниот план на претседателот Доналд Трамп, како и во работата на самиот центар“.
Одлуката доаѓа во време кога Шпанија ги засили критиките кон воените операции на Израел во Либан и поширокиот конфликт со Иран. Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, го опиша конфликтот како „најголем напад врз цивилизацијата изградена врз хуманистичките идеали за разум, мир, разбирање и универзално право против злоупотреба на моќ и сила“, обвинувајќи го Израел за кршење на меѓународното право и неодамна постигнатиот прекин на огнот.
Премиерот Санчез, исто така, презеде дополнителни мерки, вклучително и затворање на шпанскиот воздушен простор за авиони поврзани со конфликтот и повикување на Европската унија да го суспендира договорот за асоцијација со Израел. Во објава на социјалната мрежа X, тој рече дека „непочитувањето на животот и меѓународното право од страна на Нетанјаху е неприфатливо“.
Тензиите се проширија и на односите со Вашингтон. Противставувањето на Мадрид на конфликтот со Иран дополнително ги затегна односите со администрацијата на претседателот Трамп, додека некои американски политичари повикаа на воведување мерки против Шпанија. Во исто време, Мадрид ги отфрли барањата на САД за зголемување на трошоците за одбрана, дополнително комплицирајќи ги односите во рамките на НАТО алијансата.
Цивилно-воениот координативен центар (ЦВКЦ) во Кирјат Гат е еден од најважните центри за меѓународна политика и хуманитарни операции поврзани со Појасот Газа. Иако се наоѓа во Израел (околу 35 км од границата со Газа), вработува стотици експерти од над 50 земји и меѓународни организации.