Македонија е земја на социјална неправда. Повеќе од половина милион граѓани или 26.2 процента од населението живее во сиромаштија. Најзагрозени се децата до 17 годишна возраст.

Дури 31 процет од децата се сиромашни. Овие податоци се дел до темите за кои се разговараше на денешната дебата на тема „Македонија е земја на социјална неправда“, организирана од граѓанската иницијатива „8-ми Септември“.
Активистот Џелал Хоџиќ истакна дека според статистиките на невладината, социјално загрозено семејство денот треба да го истера со 22 денари на ден.
– Едно социјално загрозено семејство треба да го истера денот со 22 денари на ден, по член на семејството и тоа е невозможна мисија, затоа што со тие пари вие не можете да платите сметки, превоз, да купите храна, да купите облека. Математички е невозможно со социјалната помош не може да се плати ниту сметката за струја. Државата систематски го намалува бројот на семејства го примаат социјална помош, од 2006 до сега тој број е намален за половина и сега социјална помош примаат околу 30 илјади семејства, а во меѓувреме, стапката на сиромаштија останала иста. Со тоа се покажува политичката волја на владата да не го решава овој проблем, а ист е случајот со стечајните работници. Владата одбива целосно да го реши нивниот проблем што би ја чинело 7-8 милиони евра годишно, а притоа сме сведоци дека секојдневно никнуваат нови фонтани, нови споменици, панормаски тркала кои чинат многу повеќе отколку да се обештетат овие луѓе, изјави пред присустните активистот Џелал Хоџиќ.
Она што загрижува е дека стапката на сиромаштија расте. За само една година за 10 проценти се зголемила сиромаштијата кај домаќинствата со двајца возрасни и три или повеќе издржувани лица, кои се и така најголема група на сиромашни граѓани. Дури 53 проценти од овие семејства живаат во сиромаштија.
Ова го соопшти претседателката на Комисијата за труд и социјална политика, Мила Царовска, која беше присутна на дебатата.
Таа посочи на податоците дека 53.3 проценти од населението не може да си дозволи да јаде доволно протеини, а сиромаштијата во исхраната директно влијае на развојот на децата, здравјето и работната способност на граѓаните. 64.4 отсто од граѓаните не можат да покријат инцидентни трошоци: лекови, расипани апарати во домаќинство…
-Ова покажува дека стимулативните мерки на владата за раст на наталитетот се нефункционални и го осиромашуваат населението. Минималниот адекватен приход или моменталната социјална парична помош треба да изнесува минимум 5.600 денари за самечко домаќинство или 11.760 за четиричлено семејство, што е официјална проценка. Сега социјалната парична помош за едно лице изнесува 2.451 денар, а за четиричлено семејство е 5.173 денари. Доколку во Македонија висината на социјалната помош беше на ниво што ќе обезбеди соодветен живот на граѓаните кои имаат потреба од неа и доколку Македонија како голем дел од европските држави воведеше Минимален адекватен приход, немаше да имаме ваква стапка на сиромаштија, рече претседателката на Комисијата за труд и социјална политика, Мила Царовска./TВ Нова