Вељо Тантаров: Рано е за проценки на штетите во земјоделството

од desk3
156 прегледи

Се уште е рано да се даваат какви било проценки за штетите од поплавите, велат земјоделците. Најпрво треба да се стабилизира состојбата, а потоа и да се види колку време ќе се задржи водата над површините. Сепак е извесно дека загубите ќе бидат огромни, особено кај есенските посеви во Пелагонија чија сеидба и онака беше преполовена.

– Дождовите дојдоа на веќе заситени почви со вода. Да наврнеа и само пет литри на метар квадратен, ќе беше многу. Сега, во вакви услови, се што требаше да се постигне со минералното ѓубре, отиде бадијала. Растенијата не го искористија. Прашање е дали и да се повлечат водите за 10 до 15 дена по стабилизрање на времето како ќе се изврши првото прихранување без што нема приноси – вели претседателот на Сојузот на земјоделците Вељо Тантаров.

Според него, во Пелагонија, која моментно е едно од најпогодените подрачја, никогаш не врнело во февруари.

– Тука во февруари никогаш немало дождови, ниту со послаб интензитет, особено не обилни како овие од над 50 литри на метар квадратен – додава Тантаров.

Во Пелагонија неколку илјади хектари есеноска беа изорани, но не можеа да се посеат со пченка. Сега не се знае дали ќе може да се посеат и на пролет.

Земјоделците се надеваат на помош од државата. – Се надеваме дека Владата нема да не остави сами. Во рамки на своите можности ќе помогне за излез од оваа тешка состојба- истакнува Тантаров.