Амбасада на САД: Властите да дадат јасно правно објаснување за соопштението на Обвинителството

од desk3
109 прегледи

Амбасадата на САД соопшти дека со загриженост ја проследи изјавата од 3 февруари на Канцеларијата на Јавното обвинителство дека “објавувањето на материјали кои може да станат предмет на натамошна кривична постапка е забрането и казниво со закон.”


„Слободните медиуми се столб на едно демократско општество и медиумите играат клучна улога во презентирањето на информации од јавен интерес, вклучувајќи и информации кои би можеле да укажуваат на злоупотреба на власт и да резултираат со кривични постапки против јавни личности. Загрижени сме дека медиумите во Македонија може да ја толкуваат изјавата на Јавното обвинителство како истата да значи дека тие не треба да ја играат оваа значајна улога“, стои во соопштението на американската амбасада.

„Ги повикуваме властите да дадат јасно правно објаснување за изјавата од 3 февруари, поконкретно определувајќи ги околностите во кои една информација мора да се третира како службена тајна, и да објаснат како новинарите ќе знаат во кои случаи ќе постојат таквите конкретни околности“, велат од амбасадата на САД во земјава.